Примајќи ги во аудиенција епископите хиротонисани минатата година, кои во моментов се во Рим каде учествуваат на два формациски курса во Ватикан, Папата Лав XIV потсети на бројните културни и општествени предизвици со кои се соочуваат новите пастири: војната и насилството, страдањето на сиромашните, жедта за побратски и солидарен свет и непроценливата вредност на животот. Тој нагласи дека е неопходно епископската служба да се изразува во разновиден и креативен стил на апостолат, соодветен на околностите во кои се наоѓаат.
На 11 септември 2025 година, Папата прими во аудиенција 192 епископи од пет континенти, кои беа хиротонисани во изминатата година и служат во мисионерски подрачја. Тие од 3 септември престојуваат во Рим за да следат курсеви за формација организирани од Дикастеријата за евангелизација и од Дикастеријата за епископи.
Божји слуги и слуги на народот
Обраќајќи им се на англиски и италијански јазик, Светиот Отец размислуваше за идентитетот на епископите, потсетувајќи дека дарот кој го примиле не е даден за нив лично, туку за служење на Евангелието. „Епископот е слуга повикан да служи на верата на Божјиот народ,“ истакна тој. За да бидеме вистински гласници на Евангелието, потребни се внатрешна слобода, сиромаштво на духот и подготвеност за служење од љубов, воплотувајќи го самиот избор на Христос. Тој стил не се изразува во моќта, туку во љубовта на Отецот кој повикува на заедништво со Него. Папата потсети и на зборовите на папата Фрањо, кој рече дека единствениот авторитет на Црквата е служење со понизност.
Стил на грижа и внимание кон реалноста
Епископската служба мора да биде скромна и исполнета со близина до луѓето. Таа се изразува преку отворените раце што галат и утешуваат, преку зборовите што го помазуваат светот со радоста на Евангелието, а не себеси, и преку срцата што ги носат грижите и радостите на браќата и сестрите.
„Не е доволно само да бидеме свесни дека нашата служба е вкоренета во духот на служење според Христовиот лик,“ рече Папата. „Таа мора да се преведе во конкретен стил на апостолат: во форми на грижа и пастирско водство, во желба да се проповеда на разновиден и креативен начин, во согласност со предизвиците на секоја конкретна средина.“
Предизвици што повикуваат на размислување
Папата се осврна и на предизвиците на современото време, обележано со криза на верата и тешкотии во нејзиното пренесување. Овие реалности, истакна тој, повикуваат на нов жар и храброст за навестување на Евангелието. „Не смееме да ги заборавиме оние кои се далеку од верата, а сепак жедни за духовност,“ нагласи Папата. „Оние кои чукаат на вратата на Црквата, но понекогаш не го наоѓаат соодветниот јазик или форма во постојната пасторална понуда.“
Тој додаде дека не смеат да се занемарат и другите предизвици, особено културните и социјалните: трагедијата на војната и насилството, страдањето на сиромашните, стремежот на многумина за побратски и солидарен свет, како и етичките прашања што нè поттикнуваат да ја преиспитаме вредноста на животот и на слободата.
Пастири меѓу луѓето
Во завршниот дел од обраќањето, Папата Лав XIV ја нагласи мисијата на Црквата: „Црквата мора да биде внимателна, блиска, подготвена да ја сподели болката и радоста на луѓето.“
Тој ги охрабри епископите со следните зборови: „Ве испраќаме како грижливи и внимателни пастири кои знаат да го делат патот, прашањата, грижите и надежите на луѓето; како пастири кои сакаат да водат, како татковци и браќа на свештениците и на сите верници.“
На крај, Светиот Отец им вети на новите епископи дека ќе се моли ветрот на Светиот Дух секогаш да ги придружува, а радоста од нивното ракополагање, како благ мирис, да се шири до сите на кои ќе им служат.
Ватикан њуз/к.мк