Во обраќањето до католичката заедница во Луксембург, во катедралата Пресвета Богородица, папата Фрањо ја истакна важноста на служењето, посланието и радоста и ја поттикна Црквата да биде гостопримлива, мисионерска и со радосни срца да го живее Евангелието.
Последниот настан од првиот дел од 46. апостолско патување во странство на папата Фрањо беше средбата со католичката заедница во катедралата Пресвета Богородица во Луксембург. Настанот се совпадна со Маријанскиот јубилеј, со кој се одбележуваат четири века посветеност на Марија, Утешителката на страдалниците.
Обраќајќи им се на присутните во катедралата, папата Фрањо истакна дека во воведната молитва за Маријанската година се моли Богородица да ни помогне да бидеме мисионери, подготвени да ја посведочиме радоста на евангелието, сообличувајќи го нашето срца со нејзиното, за да се ставиме во служба на нашите браќа. Затоа во својот говор Светиот Отец се задржа на тие три клучни збора: служење, послание и радост.
Црквата повикана да служи
Зборувајќи за првиот збор, служење , папата Фрањо рече дека служењето е во срцето на евангелието. Притоа, особено го истакна прифаќањето како многу итен аспект. Тоа го правам овде, меѓу вас, на посебен начин, бидејќи вашата земја има и одржува жива, на ова поле, вековна традиција – рече Папата, охрабрувајќи ги верниците да останат верни на тоа наследство, продолжувајќи да ја прават својата земја пријателски дом за секој што ќе тропне на нивната врата, барајќи помош и гостопримство. Не се работи само за милосрдие туку и за правда – рече Папата и додаде: Духот на Евангелието е дух на прифаќање, отвореност кон сите и не дозволува никакво исклучување.
Црквата во секуларизирано општество
Потоа папата Фрањо се осврна на вториот клучен збор, послание, и зборуваше за посланието на Црквата во сè посекуларното општество, нагласувајќи ја потребата Црквата да го прифати овој предизвик, останувајќи верна на своите основни вредности. Не можеме да се затвориме во тага, резигнација или огорченост – рече Папата, охрабрувајќи ги луксембуршките католици да бидат динамични и го нагласи духот на синодалноста како средство за зајакнување на животот во заедницата и ширење на евангелската порака.
Тој нè потсети и на нашата одговорност кон заедничкиот дом, кој, како што рече, е послание кое, живеејќи заедно, само по себе е средство со чија помош на сите можеме да ја посведочиме убавината на евангелието. За нас е важно – додаде тој – дека она што нè придвижува на послание не е потребата да бидеме многубројни, да прозелитизираме, туку желбата што повеќе наши браќа и сестри да ја доживеат радоста на средбата со Христос. Истовремено, потсети на зборовите на папата Бенедикт XVI, дека Црквата не расте со прозелитизам, туку со привлечност.
Радоста на евангелието
Третиот збор на кој се фокусираше Папата беше радоста, за која рече дека е составен дел на христијанската вера. Осврнувајќи се на сведочењето на младиот човек Диого за неговото радосно искуство на Светскиот ден на младите, папата Фрањо рече дека радоста на Диого е симбол на евангелската порака. Нашата вера е таква: таа е радосна, „танцува“, затоа што ни кажува дека сме деца Божји, кој е пријател на човекот, кој сака да бидеме среќни и обединети.
Папата ја спомена и традиционалната Пролетна процесија во Луксембург, во која верниците, придружувани од ходочесници, танцуваат по улиците сеќавајќи се на мисионерската посветеност на евангелизаторот Свети Вилиброд, а процесијата – како што рече Папата – на тој начин станува голем обединет танц.
Завршувајќи го своето обраќање, папата Фрањо истакна колку е убаво посланието што ни го доверува Господ, да утешуваме и служиме според примерот и со помош на Марија и им се заблагодари на сите за великодушната помош што ја споделуваат со луѓето во потреба.
Ватикан њуз/к.мк