Во пораката до здружението „Центро Астали“, кое им помага на бегалците во Италија, папата Фрањо нагласи дека бегалците се карактеризираат со страсна желба за исполнет и среќен живот, што им помага храбро да се справат со тешкотиите што за многумина изгледаат непремостливи.
Во вторник, 16 ноември 2021 година, беше отворена изложба на фотографии со наслов „Гледајќи кон иднината“ по повод 40-годишнината од Centro Astalli, италијански огранок на Меѓународната служба за бегалци на Исусовците. Папата Фрањо испрати порака до учесниците на отворањето на изложбата, на која се претставени фотопортрети на дваесет бегалци кои добиле помош од Centro Astalli.
Патот до ветената земја
Светиот Отец истакна дека Израелскиот народ одел по пустината 40 години пред да влезе во ветената земја. Ослободени од ропство, им требаше време да се етаблираат како народ. Во последниве години, бројот на луѓе принудени да ја напуштат својата земја постојано расте. „Многумина од вас мораа да бегаат од условите за живот, кои се слични на ропството, каде што преовладува идејата за човекот лишен од неговото достоинство и третиран како предмет“, рече Папата, обраќајќи им се на бегалците. Знаете колку многу војната може да биде страшна и срамна, знаете што значи да се живее без слобода и права. Гледате беспомошно како вашата земја се суши, вашата вода станува загадена и немате друг избор освен да тргнете на пат, барајќи безбедно место за остварување на вашите соништа и стремежи, во кои можете да ги искористите своите таленти во ваша корист“.
Пречки и зраци на надеж
Римскиот бискуп истакна дека, за жал, одењето на пат не значи секогаш да се најде вистинско ослободување. „Многу често се среќавате со пустината на човештвото, рамнодушноста која стана глобална и ги суши односите меѓу луѓето“, рече тој, додавајќи дека конфликтите сега повторно се разгоруваат во различни делови на светот, а национализмите и популизмите оживуваат.
И покрај ова, на четириесетгодишната историја на здружението Centro Astalli не и недостига зрак надеж. „Вие, драги бегалци, сте знакот и лицето на оваа надеж“, рече Папата. „Имате желба за исполнет и среќен живот, што ви помага храбро да се справите со конкретни ситуации и тешкотии кои на многумина им изгледаат непремостливи.
Сон за иднината
Светиот Отец додаде дека знак на истата надеж се и многуте луѓе со добра волја кои во овие четириесет години посветија време и енергија за здружението Centro Astalli. „Тоа ни овозможува да гледаме во иднината со доверба, сонувајќи дека можеме да живееме заедно како слободен народ преку солидарност, способни повторно да ја откриеме социјалната димензија на слободата, како обединет, а не монотон народ, различен во богатството на различни култури“, рече Папата.
Наследникот на Свети Петар истакна дека лицата на жените и мажите прикажани на фотографиите на изложбата изразуваат желба да земат активно учество во животот на градовите во кои пристигнале, градејќи општество на солидарност со другите граѓани.
Ватикан њуз/к.мк