Папата Фрањо ги прими во аудиенција припадниците на Папската швајцарска гарда, членовите на нивните семејства и пријатели. Во својот говор напомена дека Швајцарската гарда секојдневно извршува скапоцена служба за Петровиот наследник, за Римската курија и за градот –држава Ватикан.
На 4 мај 2018 година, папата Фрањо во аудиенција ги прими припадниците на Швајцарската гарда. Потсетувајќи на немилиот настан „плачкосувањето на Рим“ („Sacco di Roma“) од 1527 година во кој припадниците на Швајцарската гарда ги жртвувале своите животи бранејќи го повлекувањето на папата Клемент VII во Ангелската тврдина, Светиот Отец напомена дека сеќавањето на тој јуначки гест на нивните претходници претставува повик, припадниците на гардата да ги остваруваат карктеристичните доблести: доследно живеење на католичката вера; да се биде во пријателство со Исус и да се љуби Црквата; радосни и вредни во малите и едноставни секојдневни задачи; да негуваат храброст и трпение, великодушност и солидарност со сите. Папата им рече дека се повикани да ги живеат тие доблести како за време за службата така и кога ќе ја соблечат унифрмата.
Исто така ги поттикна да не се изморат да го среќаваат Господ Исус во заедничката и личната молитва, во внимателното слушање на Словото Божјо и во ревното учество на Евхаристијата затоа што тоа е тајната на делотворноста на нивната работа, постојано упатување на Христос. Папата Фрањо на крајот им се заблагодари на припадниците на Швајцарската гарда за нивната посветеност и служење и им ја загарантира својата молитва.
РВ/к.мк