Папата до членовите на Папските римски универзитети: Соработувајте со ентузијазам и далекувидност
Папата Фрањо во аудиенција прими ректори, професори, студенти и вработени на Папските римски универзитети и институции
Обраќајќи им се на членовите на Папските римски универзитети и институции, во сабота, 25 февруари, во салата на Павле VI. во Ватикан, папата Фрањо им укажа на членовите дека припаѓаат на голем и повеќекратен систем на црковни студии, кој се развивал низ вековите благодарение на мудроста на Божјиот народ, распространет низ целиот светот и тесно поврзан со евангелизациското послание на Црквата.
Универзитетот е хор
Папата истакна дека преку посветеноста на учењето, било да е тоа неколку години или цел живот, членовите формираат хор затоа што тоа е место каде различните знаења и перспективи се изразуваат во хармонија, се надополнуваат, се коригираат и балансираат едни со други.
Светиот Отец на присутните им порача дека оваа хармонија треба да се негува пред се во самите нас, меѓу трите интелигенции кои вибрираат во човечката душа: умот, срцето и рацете.
Интелигенција на рацете
Тој привлече внимание на интелигенцијата на рацете, истакнувајќи дека таа е најчувствителна, но не и најмалку важна. Во прилог на ова, папата Фрањо го цитираше Аристотел кој рекол дека рацете се како душата поради силата што ја имаат, благодарение на нивната чувствителност, да распознаваат и истражуваат.
Имајќи го ова на ум, папата Фрањо размислуваше за Христовите раце. Тој објасни дека Исусовите раце го допираат лебот и виното, телото и крвта, самиот живот и заблагодаруваат, бидејќи чувствуваат дека сето тоа е дар од Отецот. Не случајно евангелистите за да ги обележат своите постапки го користат глаголот ламбано, што значи и „земање“ и „примање“, истакна Папата.
Нека се обединат сите заедници и институции
Светиот Отец потоа ги поттикна сите присутни да основаат ист хор во сите нивни заедници и институции. Особено по глобалната пандемија на болеста Ковид-19, неопходно е итно да се започне процес кој ќе доведе до ефективна, стабилна и органска синергија меѓу академските институции, со цел подобро почитување на специфичните цели на секоја од нив и негување на универзалното послание на Црквата, рече Папата.
Завршувајќи го својот говор, папата Фрањо истакна дека надежта е колективна реалност и дека рацете на Воскреснатиот ни даваат до знаење дека на ред е секој од нас. Светиот Отец побара да ја обновиме нашата обврска да формираме хор , во склад и хармонија на гласовите, послушен на живото делување на Духот.
Ватикан њуз/к.мк