Папата Фрањо во својот говор пред Римската курија по повод Божиќното честитање зборуваше за вниманието што треба да се посвети на „пристојните демони“ кои можат да ги заведат оние што ѝ служат на Црквата убедувајќи ги дека преобраќањето повеќе не е потребно. Повторно зборуваше за Украина, за војните во светот и мирот кој започнува од срцето: „Да го положиме сето оружје“ пред Исус кој доаѓа
Можеме да се изгубиме и дома, каде надоршено излгеда дека сè е во ред, во форма на нешта и институции, додека постои „пекол“ во бели ракавици, учтив како што знае да биде демонот, работи за да успее да ги отргне срцата на оние кои се посветени на служење на евангелието. Има срца, кои се убедени дека се безбедни од злото и затоа не им треба преобраќање, ниту практикување на една од најкорисните доблести, будноста. Со овие зборови папата Фрањо им се обрати на кардиналите, бискупите и членовите на Римската курија со кои се сретна во четврток 22 декември 2022 година во Апостолската палата по повод традиционалниот божиќен прием.
Спротивставувањето на злото
Во говорот Римскиот бискуп повика на внимателно слушање и поттикна да се вратиме на најважното, што значи да се знае постојано да му се заблагодарува на Бога за добиените добра и да се спомене главната поента, на која подеднакво и е потребна истрајност, а тоа е преобраќањето. Според Папата, тоа не треба да се толкува само како генеричко растојание од злото, туку тоа значи спроведување на сето можно добро во пракса. Соборот, кој годинава прослави 60 години од започнувањето, како и денешното синодално одење, беа и се можности за преобраќање.
Премалку е да се осуди злото, дури и она што се провлекува меѓу нас. Она што треба да се направи е да се донесе одлука за преобраќање. Едноставната осуда може да нѐ измами да мислиме дека сме го решиле проблемот, но всушност она што е важно е да направиме промени кои ќе ни овозможат повеќе да не дозволуваме да бидеме заробени од логиката на злото, што е многу често логиката на светот.
Крутост и „пристојни демони“
Светиот Отец притоа ја истакна будноста, која ја нарече една од најкорисните доблести што треба да се применуваат. Ова особено се однесува на луѓето кои живеат во служба на Бога. За нив, истакна тој, најголем ризик е „фиксизмот“, односно скриеното верување дека нема потреба од понатамошно разбирање на евангелието. Грешка е да се сака да се толкува Исусовата пораката само во една форма која е секогаш валидна, наместо да продолжиме да ја преведуваме на денешните јазици и сегашни начини, како Свети Павле. Тоа е крутост што – според Папата – ја има во себе неможноста да препознае дека злото се развива и дека нападите штом се отфрлени можат повторно да се појават полоши од порано, но со поголема елеганција.
Тоа се „пристојни демони“; учтиво влегуваат, така што дури и не ги забележуваме. Само секојдневното испитување на совеста може да нè направи свесни за ова.
Можеме да се изгубиме дури и дома, како што не потсетува параболата за блудниот син. Со други зборови – предупреди папата Фрањо – во ѕидовите на институцијата, во служба на Светиот Престол, во самото срце на црковното тело, погрешно мислејќи дека сме безбедни, дека сме подобри, дека повеќе не ни треба преобраќање. Во исто време, тој ги објасни причините за некои негови, понекогаш груби, зборови.
Ние сме во поголема опасност од сите други, бидејќи ни се заканува „пристоен демон“, кој не доаѓа со врева, туку носи цвеќе. Ако понекогаш кажувам нешто што може да звучи строго и силно, тоа не е затоа што не верувам во вредноста на благоста и нежноста, туку затоа што е добро да се зачува нежноста за уморните и угнетените и да се најде храброст да се „погодат утешените“, како што сакаше да каже Божјиот слуга дон Тонино Бело, бидејќи нивната утеха понекогаш е само измама на демоните, а не дар на Духот.
Милосрдие, а не гнев
Светиот Отец потоа ги посвети своите мисли на толку посакуваниот мир. Ја спомна Украина, како и бројни други земји каде што мирот систематски се прекршува и каде можеме само да го препознаеме распнатиот Исус – рече Светиот Отец, потсетувајќи на зборовите на теологот Бонхофер, кој почина во концентрационен логор. Тој посебно нагласи дека мирот секогаш започнува во срцето на секој човек; тоа е единственото место за почеток ако навистина сакаме да престане вревата од војната. Не само војната со проектили, туку и вербалното насилство, психичкото насилство, злоупотребата на власта, скриеното насилство на озборувања. Секоја војна, за да заврши, треба прошка, инаку правдата станува одмазда, а љубовта се препознава само како форма на слабост.
Да ги положиме сите видови оружје пред Кнезот на мирот кој доаѓа во светот. Никој да не ја искористува својата позиција и улогата за да навреди друг. Милосрдно е да се прифати дека и другите можат да имаат свои граници (…) простување значи секогаш да се даде втора шанса, односно сфаќањето дека се станува свет преку обиди и грешки.
Ватикан њуз/к.мк