Во Лурд, папата Лав XIV ги повика ходочесниците на преобраќање и покајание, ја охрабри Црквата и самата да продолжи по патот на преобраќањето, а болните ги потсети дека нивното страдање, соединето со Христовото, може да стане учество во Неговото откупително дело.
За време на светата Литургија во Светилиштето на Пресвета Богородица во Лурд, во неделата, 27 септември 2026 година, на третиот ден од своето апостолско патување во Франција, папата Лав XIV рече дека собирот на ходочесниците од Франција и од целиот свет го открива „универзалното лице на Црквата“.
Тој ги охрабри верниците „утехата од Лурд“ да ја понесат со себе во своите домови и заедници.
Размислувајќи за неделните литургиски читања и за пораката што Пресвета Богородица ѝ ја доверила на света Бернадета, Папата го стави преобраќањето во средиштето на својата проповед.
Повик на преобраќање
„Денес, а не утре, мора да се покаеме“, рече Светиот Отец. Бог, објасни тој, сака да ни ги отвори очите и да нè повика повторно да Му се вратиме. Преобраќањето значи да ги оставиме патиштата по кои сме се изгубиле и повторно да го избереме „патот на животот“.
Папата Лав XIV потсети и на зборовите што Пресвета Богородица ѝ ги упатила на света Бернадета: „Не ти ветувам дека ќе те направам среќна на овој свет, туку на другиот.“
Во општество силно насочено кон материјалниот напредок и благосостојбата, рече Папата, Лурд нè потсетува на достоинството на секој човечки живот и на надежта во вечниот живот.
„Пред современите тенденции што настојуваат повторно да ја определат вредноста на човечкиот живот во болеста, страдањето и староста, пештерата Масабиел стои како место на христијанската надеж“, нагласи тој.
Во Лурд, продолжи Светиот Отец, патериците, инвалидските колички и „скриените солзи“ не се пречка, туку можат да станат места на средба со Божјата љубов.
„Покајание! Покајание! Покајание!“
Папата потсети и на повторениот повик на Богородица во Лурд:
„Покајание! Покајание! Покајание!“
Пресвета Богородица ја повикала света Бернадета да врши покајнички дела не само за себе, туку и „за грешниците“.
Поврзувајќи го овој повик со конфликтите и страдањата што го погодуваат денешниот свет, Папата праша: „Како нашите срца да не бидат потресени од конфликтите што се шират и уништуваат толку многу невини животи?“ Но коренот на злото, продолжи тој, се наоѓа во човечкото срце. „Затоа човечките срца се тие што треба да се променат, почнувајќи од нашите“, рече Светиот Отец.
Покајанието, објасни тој, не е само личен чин, туку и „чин на љубов извршен во солидарност со целото човечко семејство“.
Црквата мора да има храброст да започне од себе
Повикот на преобраќање, истакна папата Лав XIV, се однесува и на самата Црква.
„Таа мора да има храброст да започне од себе“, рече тој.
Папата повика на понизно соочување со „длабоките рани, неверствата и болните грешки“ во животот на Црквата, нагласувајќи дека признавањето на сопствените грешки е неопходен дел од духовниот раст.
Цитирајќи го свети Августин, тој рече: „Не биди задоволен со тоа што си, ако сакаш да станеш она што сè уште не си.“
Болните се во срцето на Црквата
Светиот Отец потоа особено им се обрати на болните и на оние што страдаат.
„Драги пријатели кои сте болни, толку многумина од вас овде во Лурд добро го познаваат страдањето“, рече тој.
Папата нагласи дека нивните искушенија и болки, кога се принесуваат и се соединуваат со Христовото страдање, можат да станат учество во „откупителното дело кое толку многу му е потребно на светот“.
„На тој начин вие навистина сте во срцето на Црквата и вашата улога е незаменлива“, рече папата Лав XIV.
„Заминете како мисионери на надежта“
На крајот од проповедта, Папата им рече на ходочесниците дека средбата со Пресвета Богородица и едни со други не може да ги остави исти.
„Нема да го напуштите Лурд онакви какви што пристигнавте. Ќе заминете како мисионери на надежта“, рече Светиот Отец.
„Чудото на Лурд“, додаде тој, е токму во тоа што може „да ја разбуди радоста на надежта среде страдањата и тешкотиите“.
Ватикан њуз/к.мк

