Папата до учесниците на Екуменскиот конгрес во Бозе: Сведочете и живејте го мирот

Во свет кој сѐ е повеќе драматично разрушен од војни и конфликти, Христијанските цркви се повикани да го „живеат и сведочат мирот“ преку гестови на „искрена братска љубов“. Ова го пишува папата Фрањо во пораката до учесниците во ХХІІ меѓународен Екуменски конгрес посветен на православната духовност, кој се одржува од 3 до 6 септември во манастирот во Бозе, Италија, на тема „Блажени се миротворците“.

Во пораката Папата го изразува своето задоволство од иницијативата и посакува „деновите на дијалог и среќавање да помогнат да се сфати дека е можно да се живее и сведочи мирот навестен од Христос, преку гестови на искрена братска љубов, кои ги бришат споровите, ги надминуваат разликите и ја препородуват надежта“.

Порака до учесниците упати и Вселенскиот патријарх на Константинопол, Вартоломеј во која се нагласува дека „мирот е плод на Светиот Дух“. Затоа, додава Патријархот, „потребно е човек да се очисти од секое нешто кон кое може да се прилепи неговото срце, бидејќи секое нешто кон што се приврзува срцето, му го одзема вистинскиот мир“. Само така, завршува пораката на Вартоломеј, „човек се претвора во извор на мир за ближниот, за сето создание, и стекнува разум, кој преку мудроста и благодатта на Светиот Дух, го распространува мирот во целиот свет“.

„Опасноста од воените конфликти на Блискиот Исток, Украина, Авганистан, Ирак и други земји во светот, нѐ обврзува со сила да ги бараме христијанските патишта за запирање на војната, која носи непријателство, смрт и пропаст“. Ова го пишува од своја страна во пораката митрополитот Иларион, одговорен на Одделот за надворешно-црковните односи на Московската Патријаршија. „Да се биде миротворец – продолжува митрополитот – е дел од суштината на христијанската порака и Христовата црква отсекогаш тоа го смета како обврска и ги упатува луѓето кон зборови на мир и љубов“. Митрополитот Иларион потсетува на зборовите на Московскиот Патријарх Кирил дека во „една граѓанска војна не може да има победници, не може да има политички победи, тие не вредат повеќе од човечкиот живот“. Затоа, уверува Иларион, „Московскиот патријарх не се уморува да повикува кон мир, меѓусебна прошка и барање на компромиси, без да се наштети на конкретните напори за помош на постраданите во соработка со сите луѓе со добра волја, кои искрено го бараат и сакаат мирот“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот