Папата до студентите на Универзитетот во Лувен: Продолжете да се надевате и да работите за подобра иднина
Папата Фрањо во сабота попладне, 28 септември 2024 година, се сретна со студентите Католички универзитет во Лувен, основан пред 600 години и ги охрабри да продолжат да се надеваат, да работат за подобра иднина и секогаш да ја бараат вистината во нивните студии.
Во последниот јавен настан од втората целодневна апостолска посета на Белгија, папата Фрањо се сретна со студентите на престижниот католички универзитет во Лувен, кој слави 600 години од своето постоење. Тој беше пречекан од членовите на ректорскиот колегиум и ректорот Франсоаз Сметс. Пред да влезе во салата, Папата се потпиша во Почесната книга.
Писмо од студентите
Студентите доставија писмо до Светиот Отец во кое ги искажуваат своите размислувања за теми како што се еколошката одговорност, улогата на универзитетите во промовирањето на свеста и промените и потребата од нов културен и духовен пристап за решавање на актуелните еколошки и социјални кризи. Писмото е резултат на заедничките напори на професори, млади истражувачи и студенти кои дискутираа за енцикликата на Папата Laudato si’ за грижата за нашиот заеднички дом. Се фокусираа на пет теми: филозофските и теолошките корени на климатската криза; улогата на емоциите и посветеноста; прашањето за нееднаквоста; положба на жената; и солидарност во справувањето со вонредна климатска ситуација.
Во иднината да се гледа со надеж
Папата Фрањо во својот говор им се заблагодари на студентите за споделувањето на нивните грижи за иднината и го пофали ентузијазмот и надежта во нивната желба за правда и потрага по вистината. Истакнувајќи дека меѓу прашањата со кои се занимаваат, особено го погодиле оние за иднината и стравовите, посочуавјќи дека сите гледаме колку е насилно и арогантно злото кое ја уништува околината и луѓето, а војната е нејзиниот најсуров израз; како што се исто така корупцијата и модерните облици на ропство. Понекогаш тие зла ја расипуваат самата религија, која станува инструмент за доминација – рече Папата, осудувајќи ја секоја злоупотреба на религијата за доминација како богохулно искривување на Божјата слика.
Соочен со овие зла, ги поттикна учениците да продолжат да се надеваат и да работат напорно за подобра иднина. Ние христијаните знаеме дека злото го нема последниот збор, дека деновите му се одбројани. Сепак, тоа не смее да го намали нашето ангажирање; напротив, треба да се зголеми; надежта е наша одговорност – нагласи папата Фрањо.
Не сме господари на создадениот свет
Осврнувајќи се на централното прашање поставено во писмото за односот меѓу христијанството и екологијата, Папата истакна три ставови кои треба да се негуваат. Најпрво се осврна на благодарноста за нашиот заеднички дом што ни е доверен, правејќи нè „не господари туку гости и ходочесници на земјата“.
Вториот став е посланието, наша должност е да го заштитиме и негуваме создаденото за доброто на сите, а особено за идните генерации. Ова е „еколошката програма“ на Црквата – рече и предупреди – но ниту еден развоен план нема да успее доколку во нашата свест останат ароганцијата, насилството и ривалството. Центарот на овој проблем е во човечкото срце. Оттука доаѓа драматичната итност на еколошкиот проблем: од арогантната рамнодушност на моќниците, за кои економскиот интерес е секогаш на прво место – истакна Папата – и додаде – Убавината на дарот бара од нас одговорност; ние сме гости, а не деспоти.
За сеопфатен развој, пак, потребна е верност кон Бога и човештвото – рече Папата и ги охрабри младите да се залагаат за сеопфатен развој кој ги почитува физичките, моралните, културните и социјалните димензии на човечкиот живот. Во оваа смисла, тој предупреди да не се манипулира со природата, туку да се негува, зборувајќи при тоа за евгениката, кибернетичките организми и вештачката интелигенција.
Улогата на жената во Црквата
Папата Фрањо потоа се осврна на уште една точка од писмото на студентите, улогата на жената во Црквата и општеството, која се однесува и на прашањето на насилството и неправдата, како и на идеолошките предрасуди. Тука треба да се вратиме на прашањето што е жена, што е Црквата? Црквата е жена – истакна Папата, потсетувајќи на значајната улога на жената во историјата на спасението, се осврна на суштинската природа на жената во Црквата и општеството и го отфрли секој поим за ривалство меѓу мажите и жените. Напротив, поттикна меѓусебно почитување и соработка, вкоренети во достоинството и заедничката човечност.
Во Црквата, мажите и жените од почетокот се повикани да сакаат и да бидат сакани – напомена и нагласи – Она што ги карактеризира жените, она што е навистина женствено, не е условено со консензус или идеологии, како што самото достоинство не се гарантира со закони напишано на хартија, туку со изворниот закон запишан во нашето срце.
Работиме за да живееме; не живееме за да работиме
Папата Фрањо потоа се осврна на академската формација на студентите и ги охрабри да го негуваат својот индивидуален стил на учење, имајќи предвид дека тие се дел од една заедница, бидејќи образованието и културата се заеднички напор.
Светиот Отец ги охрабри студентите да размислуваат за сопствените мотивации и да учат со цел поисполнет живот, предупредувајќи дека работата не треба да биде суштина и крај на сé. Не треба да живееме за да работиме; напротив, треба да работиме за да живееме – предупреди папата Фрањо и на крајот ги потсети дека не треба да учат само за лична корист, туку да му служат на општото добро.
Вистината нé ослободува
На крајот, Светиот Отец ги поттикна студентите на Католичкиот универзитет во Лувен секогаш да ја бараат вистината во нивните студии и да сведочат за неа, бидејќи – како што рече – вистината нè ослободува. Без тоа, студијата станува инструмент на моќ, контрола над другите; повеќе не служи, туку доминира – предупреди папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк