На 14 октомври 2017 година, на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец се сретна со повеќе од 10 илјади членови на семејството на свети Винко, по повод 400 годишнина од постоењето на нивната харизма.
Таа прилика ја искористи за да им предложи три зборови, важни не само за винковскиот дух, туку и за христијанскиот живот воопшто: да се поклонуваме, да прифаќаме и да одиме.
Првиот збор е поклонување. Свети Винко безброј пати повикал да се негува духовниот живот во внатрешноста… За него молитвата не е само должност, а уште помалку збир на формули. Молитвата значи да стоиме пред Бог, да одвоиме време за да бидеме со Него. Таа е најчистата молитва, молитва која создава место за Господ и за негова пофалба. Кој еднаш ќе го открие поклонувањето – продолжи папата Фрањо – не може без него. Кој се поклонува, започнува да се однесува кон другите онака како што Бог се однесува кон него: станува милосрден, на располагање, има повеќе разбирање, ја надминува својата крутост и се отвора за другите.
Следниот збор гласи „да се прифати“. Кога ќе го слушнеме тој збор, веднаш помислуваме дека треба да бидеме активни – рече Светиот Отец. Но, се работи за нешто подлабоко: не се бара само да создадеме место за некого, туку да бидеме луѓе кои прифаќаат, кои се расположени и навикнати да се даваат за другите.
Да се прифаќа, значи да се промени сопственото „јас“, да го поправиш својот начин на размислување, и да сфатиш дека животот не е моја приватна сопственост и дека времето не ми припаѓа мене. Тоа е постепено одвојување од сè што ми припаѓа: моето време, мојот одмор, моите права, моите програми, моите планови. Кој прифаќа, се одрекува од своето „јас“ и дозволува во неговиот живот да влезе „ти“ и „ние“ – истакна Папата, додавајќи дека прифаќањето припаѓа на ДНК на Црквата.
Последниот збор кој Светиот Отец го истакна е „оди“. Љубовта е динамична, излегува од самата себе – рече папата Фрањо. Кој љуби, не останува да седи на каучот, чекајќи притоа доаѓање на подобар свет, туку станува и оди. Тоа послание важи секогаш, за сите. Тоа на секој од нас му го поставува следното прашање: Одам ли во пресрет на другите како што тоа Господ од мене го бара? Го носам ли насекаде огнот на љубовта кон ближниот или можеби останувам зад затворени врати за да се грејам на својот камин? – рече Папата, повикувајќи ги на крајот членовите на семејството на свети Винко да го заразат светот со љубовта, слогата и ангажираноста.
РВ/к.мк