Папата до свештениците: Кога времињата се тешки, Бог секогаш дава да ја почувствуваме Неговата близина

Радост, братство, семејство – се трите клучни точки во говорот кои папата Фрањо го предаде на свештениците во Касано на Јонското Море, во текот на пасторалната посета на Калабрија, со кои се сретна во катедралата, по посетата на хоспицијата. Светиот Отец еден час разговараше со свештениците, без однапред подготвени прашања. Во говорот кој им го предаде, Папата ја истакна радоста на свештенството и убавината на братството.

Нема поубави работи за човекот од повикот на Господ Исус – истакна Папата во говорот до свештениците на спомнатата калабриска бискупија. Римскиот епископ со нив пред сѐ сакаше да ја сподели радоста на свештенството, тоа секогаш е ново изненадување поради тоа што Господ Исус ги повикал, односно што ги повикува – како што напиша Светиот Отец. Тоа е повик да Го наследуваат и на другите да го донесуваат Неговото Слово и Неговото простување. Кога ние свештениците сме пред Светото Хранилиште и запреме за момент во тишина – напиша Папата – повторно на себе го чувствуваме Исусовиот поглед кој нѐ обновува, оживува…

Секако, понекогаш не е лесно да останеме пред Господ – рече потоа Папата – бидејќи сме зафатени со многу работи, луѓе… Но, понекогаш тоа не е лесно бидејќи чувствуваме одредена неудобност, Исусовиот поглед помалку нѐ вознемирува и нѐ става во криза. Но, тоа е добро за нас! – истакнува Папата. Во тишината на молитвата Исус ни покажува дали работиме како добри работници или сме станале чиновници; дали сме отворени великодушни канали низ кои тече Неговата љубов, Неговата милост или напротив во центарот се ставаме себе и така наместо да бидеме канали, стануваме некакво засолниште кое не ни помага да се сретнеме со Господ, во светлината и силата на Евангелието.

Папата потоа ја истакна убавината на братството, односно фактот колку е убаво да бидат заедно свештениците, да не го наследуваат Господ сами туку заедно, и покрај големата различност на даровите и карактеристики. Ниту тоа не е лесно – напомена Папата – и не е непосредно, ниту очекувано. И тоа, пред сѐ бидејќи и ние свештениците сме потопени во денешната култура на субјективизмот, во култура која го истакнува „јас“ сѐ до идолопоклонството. А потоа и поради одреден пасторален индивидуализам кој за жал е раширен во нашите епископии – истакна Светиот Отец и затоа поттикна – треба да реагираме на тоа, одлучувајќи се за братството. Намерно зборувам за одлука. Тоа не може да биде работа препуштена само на случајност, на поволни можности – објасни папата Фрањо.

Напоменувајќи потоа дека заедништвото во Христос треба секогаш да се прифаќа и негува, Папата истакна дека тоа бара да се живее барајќи конкретни облици, соодветни на времето и реалноста на територијата, но секогаш во апостолски хоризонт, во мисионерски стил и во браство и едноставност на животот. Потоа ги охрабри свештениците во нивната работа со семејствата и за семејствата. Тоа е работата која Господ ја бара од нас посебно во ова време, кое е тешко и за семејството како институција и за семејството поради кризата – истакна Папата и додаде – но, кога времињата се тешки, Бог секогаш дава да ја почувствуваме Неговата близина, Неговата милост, пророчката сила на Неговото Слово. А ние сме повикани да бидеме сведоци, посредници на таа близина кон семејствата и таа пророчка сила за семејствата.

РВ/Д.И.

1882

Категорија: Ватикан

За авторот