На 31 мај 2019 година во Претседателската палата во Букурешт Папата им се обрати на романските власти, дипломатскиот кор и претставниците на цивилното општество.
Папата присутните ги охрабри да продолжат да работат на зацврстувањето на структурите и на институциите неопходни не само за да одговорат на оправданите стремежи на граѓани, туку и за да дадат поттик на романскиот народ и да му овозможат да го изразат целиот свој потенцијал. Напоменувајќи дека неколку милиони Романци го напуштиле својот дом во потргата по работа и достоинствен живот, Светиот Отец оддаде почест на жртвите на тие големи број синови и ќерки на Романија кои со својата култура, наследените вредности и работа ја збогатуваат земјата во која мигрирале, а со плодовите на својата работа им помагаат на членовите на семејството кои останале во татковината.
Со заедничко одење и делумното откажување од сопствените визии и посебните интереси може да се изгради инклузивно општество во кое секој може да стане протагонист на заедничкото добро и во кое најслабите, најсиромашните и последните не се сметаат за непожелни, туку граѓани и браќа целосно вклучени во општествениот живот. Уште повеќе тие се најдобрата потврда за исправноста на општествениот модел кој се настојува да се изгради – рече Папата и додаде: Kолку повеќе општеството ја зема на срце судбината на најзагрозените, толку повеќе може да се нарече вистински цивилизирано.
Светиот Отец исто така истакна дека за хармоничен одржлив развој, за конкретна примена на солидарноста и милосрдието и за сензибилизација на општествените, граѓанските и политичките сили за општо добро не е доволно да се осовременат економските теории, не се доволни само техниката и професионалните вештини. Тоа со материјални услови, исто така е прашање на развојот и душата на вашиот народ – рече Папата и додаде дека со помош на христијанските Цркви може повторно да се пронајде и да се нахрани живото срце од кое ќе извира политичко и општествено делување кое произлегува од достоинството на личноста, а води до посветеност и великодушност за општото добро на заедницата.
Католичката Црква сака да го даде својот придонес за градење на општеството, сака да биде знак на хармонија, надеж и единство и да се стави во служба на човечкото достоинство и општото добро. Католичката Црква не е странец, туку во целост блиска до националниот дух како што покажува учествувањето на нејзините верници во обликувањето на иднината на нацијата, во создавањето и развојот на структурите за интегрално образование и облици за помош својствени за модерна држава. Таа затоа сака да го даде својот придонес за градење на општество и општествениот и духовниот живот во вашата прекрасна земја Романија – рече папата Фрањо и на крајот на претседателот и на целата земја им посака изобилен Божји благослов.
Ватикан њуз/к.мк