Папата до младите: Љубовта е жртва за другиот

Папата: Не сакам да бидам моралист, но сакам да кажам нешто што на луѓето не им се допаѓа, што не е популарно. И Папата понекогаш мора да ризикува за да ја каже вистината: љубовта е чиста.

На крајот од првиот ден од пасторалната посета на Торино, папата Фрањо се сретна со младите на главниот градски плоштад. Како што има обичај на средбите со младите, Папата подготвениот говор им го предаде и спонтано им се обрати, зборувајќи им околу половина час. Одговараше на прашања на неколку млади за љубовта, за животот, работата и пријателството. Ги поттикна да „одат против струјата“ да се спротивстават на денешната хедонистичка култура и да бидат чисти во љубовта.

Не сакам да бидам моралист, но сакам да кажам нешто што на луѓето не им се допаѓа, што не е популарно. И Папата понекогаш мора да ризикува за да ја каже вистината: љубовта е чиста – рече Светиот Отец на младите кои што тоа го поздравија со силен аплауз. Како што рече Папата, љубовта се гледа во делата, во меѓусебната комуникација, но љубовта има голема почит кон личноста, не ја искористува и затоа е чиста. На вас младите во овој хедонистички свет, во кој се рекламира само задоволството и угодниот живот ви велам: бидете убави, бидете чисти.

Одговарајќи на прашање за обесхрабреноста во животот, призна дека постојат многу зла во светот – спомнувајќи ги сегашните војни, како и историските трагедии како „големото злосторство“ над Ерменците, холокаустот и гулагот во Советскиот Сојуз. Папата Фрањо младите ги поттикна да се спротвстват на културата на отфрлање која ги ранува и старите и младите. Како да не се обесхрабриш пред такви зла? Треба да се биде упорен во плановите за градење, меѓусебно да се помага и затоа да се оди против струјата, да се биде храбар и креативен – рече Светиот Отец.

Живејте! Немојте да животарите – поттикна Папата. Грдо е да се види млад човек кој живее – простете ми на изразот – како растение. Ме растажуваат млади кои одат во пензија со 20 години Брзо остареле – се пошегува Папата и додаде: она што не дава млад човек да „оди во пензија“ е желбата за љубов, подготвеност да се даде најубавото што се има. Според зборовите на Светиот Отец, љубовта не е моментално романтично чувство, туку нешто конкретно, жртва за другиот.

На крајот папата Фрањо поттикна на служење за да се надмине недовербата и да се оди против струјата, „вредностите од сапуниците“ и како што рече, рекламите кои се обидуваат да нè уверат дека ни продаваат дијаманти, додека нудат само стакло. Живејте ја реалноста. Ако мојата реалност е стакло, а не дијамант тогаш морам да одам против струјата – порача Папата на младите.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот