Папата Фрањо одговори на писмото од учесниците на бискупската средба во Романија, во кое ги повикува младите храбро и креативно да ги пренесат вредностите што „ги градат“ на Интернет, но да не станат „робови на мобилните телефони“. Излезете во светот, погледнете ги во очи браќата и сестрите“, рече Светиот Отец.
„Бидете носители на надежта и градители на мостови, користејќи ја секоја достапна алатка за сеење добрина и љубов во светот“, им напиша папата Фрањо на младите Романци од бискупијата Јаши, одговарајќи на нивното писмо испратено до него преку кардиналот Пјетро Паролин на средината на мај.
Државниот секретар учествуваше на бискупската младинска средба во Јаши на 18 и 19 мај на покана на бискупот Јосиф Паулец. Во својата порака, Папата ги охрабрува младите да ги користат социјалните мрежи „храбро и креативно, пренесувајќи ги вредностите што ги градат: пријателство, мир, дијалог меѓу етничките групи и култура, семејство и христијанските вредности“. Исто така, Светиот Отец ги поттикна да се грижат да не станат робови на мобилниот телефон и да не останат заглавени во виртуелниот свет, на сметка на реалниот живот.
Вистинското богатство лежи во директните и искрените односи
„Излезете во светот, запознајте луѓе, слушајте ги нивните приказни, погледнете ги вашите браќа и сестри во очи. „Вистинското богатство лежи во човечките односи кои се доживуваат секој ден, во директен и искрен контакт“, порачува. Понатаму, Папата ги покани да учествуваат на националната младинска средба што ќе се одржи во септември во областа Брашов.
„Тоа ќе биде драгоцена можност да растеме заедно во верата и да споделуваме искуства и да го зајакнеме својот христијански пат“, посочи Светиот Отец. „Не заборавајте да се молите за мене“, ги замоли на крајот папата Фрањо, истакнувајќи: „Вашата духовна поддршка е непроценлив дар што ми помага да ѝ служам на Црквата и човештвото“.
Ватикан њуз/к.мк

