Папата Лав XIV тесно ја поврзува грижата за животната средина со посветеноста на мирот, што е еден од главните акценти на неговиот понтификат. Во четврток, 20 август 2026 година, Ватикан ја објави пораката на Папата за Светскиот ден на молитва за грижа за создадениот свет, кој се одбележува на 1 септември.
Војните, кризите и уништувањето на животната средина „не се неповрзани“, пишува Папата во својата порака. „Тие се единствен крик за исцелување и мир што произлегува од ранетиот свет“, се наведува во текстот.
Маѓепсан круг што ги уништува екосистемите
Војната не остава само „рани што се протегаат далеку над бојното поле“, туку и „социјално и еколошко уништување што трае со генерации“.
„Поврзаноста меѓу вооружените конфликти и уништувањето на животната средина“, објаснува папата Лав XIV, „честопати води до маѓепсан круг што ги уништува екосистемите, ги загадува важните ресурси како воздухот и водата и ги загрозува резервите на храна“.
Сето тоа, додава Папата, ја продлабочува сиромаштијата, нееднаквоста и социјалните тензии.
Политички, морален и духовен неуспех
Според папата Лав XIV, војната на крајот открива „голема неспособност да се живее според Божјиот образ и подобие, да се почитува животот и да се грижиме за земјата што ни е доверена“. Тоа, нагласува тој, претставува политички, морален и духовен неуспех. „Војната, вкоренета во погрешни желби и во злоупотреба на човековата слобода и моќ, е сведоштво против Евангелието на мирот“, пишува Папата.
Затоа Светиот Отец повикува на „преобраќање на срцето“. „Раните од војната и штетата нанесена на земјата се поврзани со состојбата на човечкото срце. Кога срцето е изобличено, страдаат односите, а структурите што ги создаваме почнуваат да го одразуваат тоа нарушување.“
Без внатрешна промена, мирот останува кревок
За папата Лав XIV, „подлабокото лично и заедничко преобраќање“ значи враќање кај Бога, Кој го обновува правилниот ред во човечките желби.
„Без оваа внатрешна преобразба, мирот ќе биде само кревок и краткотраен“, предупредува Папата. „Но таму каде што срцата се обновуваат, се отвораат нови можности.“
Пораката завршува со повик за поинаква визија за светот:
„Да замислиме свет во кој ресурсите што сега се троши на војни се користи за целосен развој на човештвото, за надминување на сиромаштијата, за заштита на човечкото достоинство и за помирување на завојуваните народи.“
Ватикан њуз/к.мк

