На вториот ден од апостолската посета на Светиот Отец на Лисабон за Светскиот ден на младите 2023 година, Папата се сретна со членовите на заедницата „Scholas Occurrentes“ во нејзиното португалско седиште во градот Каскаис во четвртокот, 3 август 2023 година, и го напарави завршниот потег на разнобојниот ѕиден мурал, кој ја симболизира убавината на единство во различноста.
Тројца студенти, Пауло, Маријана и Алеџе, беа меѓу протагонистите во четвртокот, 3 август, на настанот на кој присуствуваа папата Фрањо и членовите на заедницата „Scholas Occurrentes“, во нејзиното седиште во Португалија во градот Каскаис.
Тие се тројца од десетиците илјади млади луѓе, со различна вера и потекло, кои припаѓаат на светското движење „Scholas Occurrentes“, заедница за образование и воспитување, основана во 2013 година и вдахновена од повикот на папата Фрањо за преобразба на глобалното образование „во духот на средбата и инклузивноста“.
Папата ги слушна сведоштвата на тројца млади луѓе од различна вероисповед и одговори на секој од нив. Светиот Отец ги охрабри на нивното заедничко патување во свет потресен од хаос и обележан со поделби и им порача да продолжат да создаваат средина во која братството и грижата еден за друг ќе донесат хармонија. Голем дел од разговорот произлезе од размислувањето за живописната ѕидна слика – мурал. „Хаосот“ прикажан на сликата, рече Папата, ја отсликува реалноста на космосот и животите на секој од нас.
„Животот се преобразува со хаосот на животот и космосот“, истакна Римскиот бискуп, но на секој од нас останува да го најде патот на вистината и убавината.
Откако му беше дадена „четка“, Папата го додаде завршниот потег на муралот, сликајќи кружен потег со зелена боја што беспрекорно се вклопи во целината.
Светиот Отец им подари на учениците икона, на која е насликан Добриот Самарјанин.
Потоа ги повика присутните да не се плашат „да си ги извалкаат рацете“ и секогаш да бидат тука за оние на кои се во потреба. „Само ако ги извалкате рацете“, нагласи папата Фрањо, „ќе ги зачувате вашите срца чисти“.
Посетата на Папата на заедницата „Scholas Occurrentes“ следуваше по средбата со студентите на Католичкиот универзитет во Португалија, обрнувајќи внимание на потребата од нов образовен модел кој ги надминува границите и промовира братство и споделување во светот каде што сè е поврзано.
Ватикан њуз/к.мк