Во писмото во пресрет на 38-от бискупски Светски ден на младите, папата Фрањо ја опиша младоста како време на надеж и соништа и коментираше дека овој оптимизам може да се одржи во светот кој е сè повеќе погоден од кризи и војни.
Во вторник, 14 ноември 2023 година, папата Фрањо објави порака во пресрет на 38. бискупски Светски ден на млади, кој ќе се прослави на 26 ноември 2023 година.
Во писмото со наслов „Радувајте се во надежта“, папата Фрањо вели дека христијанската надеж не е „лесен оптимизам“, туку сигурно сознание дека Бог е присутен меѓу нас и предлага стратегии за одржување и споделување на оваа позитивност во темни времиња.
Безнадежност
„Радувајте се во надежта“, е тема на пораката на папата Фрањо за Светскиот ден на млади, а е цитат од Посланието на свети апостол Павле до Римјаните.
Размислувајќи за зборовите на апостолот, Папата истакна дека младоста е време полно со надеж и соништа, поттикнато од убави нешта кои ги збогатуваат животите: раскошот на Божјото создание, односите со пријателите и саканите.
Но, истакна Папата, живееме во период на криза и војна, кога за многу луѓе, вклучувајќи ги и младите, изгледа дека нема надеж. Многумина, рече тој, се чувствуваат како да се во мрачен затвор, каде што сончевата светлина не може да допре.
Во такви ситуации папата Фрањо поттикна: Како да ја доживееме радоста и надежта за која говори свети Павле? Кога размислуваме за човечките трагедии, особено за страдањата на невините, и ние можеме да повториме некои од псалмите и да го прашаме Господа: Зошто?
Патишта до надежта
Папата Фрањо предложи и два начини да се одржи христијанската надеж во вакви тешки времиња.
Првата од нив, рече тој, е да се признае дека надежта не е производ на човечки напори, планови или вештини. Напротив, се раѓа од средбата со Христос. Христијанската радост доаѓа од самиот Бог, од нашето спознавање за неговата љубов кон нас.
Христијанската надеж, објасни Папата, не е лесен оптимизам: тоа е сигурност, вкоренета во љубовта и верата, дека Бог никогаш не нè напушта и останува верен на своето ветување.
Втората метода за одржување на надежта среде страдањата, истакна Римскиот епископ, е да се признае дека и ние можеме да бидеме дел од Божјиот одговор на проблемот.
Создадени од него според неговиот образ и подобие, и ние можеме да бидеме знаци на неговата љубов, која раѓа радост и надеж дури и во ситуации кои изгледаат безнадежни, рече папата Фрањо.
Надежта расте кога се споделува
Откако ја примивме таа радост и надеж, додаде Светиот Отец, не можеме да ја задржиме за себе.
Негувајте ја искрата што е запалена во вас, ги поттикна младите, но во исто време споделете ја. Ќе сфатите дека расте со споделување! Не можеме да ја задржиме христијанската надеж за себе, како топло чувство, бидејќи таа е наменета за сите.
Останете блиску до вашите пријатели кои можеби однадвор се насмеани, но внатре плачат од недостаток на надеж. Не дозволувајте да ве зарази рамнодушноста и индивидуализмот, апелира Петровиот наследник.
„Христијанската надеж е наменета за сите!“, истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк