Во пораката упатена до група жени и мажи сместени во центар за привремено прифаќање во Лајас Бланкас, Панама, папата Фрањо ги охрабрува: „Не заборавајте на вашето човечко достоинство, не плашете се да ги гледате другите во очи. Вие сте Божји деца.“
Ова се потресните зборови на папата Фрањо, меѓу бројните кои ги посветува на мигрантите во последните години, упатени во кратка порака до мажите и жените кои моментално се сместени во Центарот за привремно прифаќање на мигранти (ETRM) во Лајас Бланкас. Станува збор за центар кој прима мигранти од Колумбија, Хаити, Еквадор, Венецуела и други земји од Централна Америка, како што е Никарагва, кои ја преживеале шумата Дариен, џунглата на границата меѓу Колумбија и Панама, која стана клучна рута за оние кои преку Централна Америка и Мексико одат од Јужна Америка во САД.
Опасности и насилство
Само во 2023 година, повеќе од половина милион луѓе – што е рекорден број објавен од панамската влада – се осмелија да тргнат по т.н. Darién Gap, смртоносен пат на кој освен опасностите од џунглавата постои и ризикот од средба со криминални групи кои ограбуваат или бараат пари за поминување на бегалците низ тој коридор долг 265 километри, а се служат со насилство особено врз жените. Оние кои преживеале се засолнуваат во Лајас Бланкас, кој неодамна доживеа пренатрупаност и влошени здравствени и безбедносни проблеми поради недостаток на вода и кревети.
Зборови на поддршка од Папата
До сите тие луѓе стигнува порака за близина и утеха од папата Фрањо, кој вели дека сака да биде присутен со нив. И јас сум син на мигранти кои заминале во потрага по подобра иднина – напоменува Папата, потсетувајќи се, како и во многу други прилики, на искуството на неговото семејство, кое заминало од Пиемонт во Аргентина.
Имаше моменти кога останувале без ништо, дури и гладни; со празни раце, но срце полно со надеж.
Мигрантите, Христовото тело кое страда
Папата Фрањо пишува дека е благодарен на бискупите и пасторалните работници кои го прават присутно лицето на мајката Црква која оди со своите синови и ќерки, во кои го открива лицето Христово и им внесува олеснување и надеж на крстниот пат на миграцијата. Потоа им се обраќа на самите мигранти кои – како што истакнува – стануваат „телото Христово кое страда“ кога се принудени да ја напуштат својата земја, да се соочат со ризиците и тешкотиите на тешкото патување, не наоѓајќи друг излез. Тој им дава посебна, важна препорака:
Никогаш не заборавајте на вашето човечко достоинство. Не плашете се да ги гледате другите во очи затоа што не сте отфрлени, туку сте дел од човечкото семејство и семејството на Божјите деца. И ви благодарам што постоите.
Апел за време на молитвата Ангел Господов на 17 декември
Папата веќе го привлече светското внимание на ситуацијата во Дариен за време на неговото неделно пладневно обраќање на 17 декември, пред Меѓународниот ден на мигрантите прогласен од Обединетите нации. На крајот од обраќањето, папата Фрањо ја изрази својата загриженост за семејствата со деца кои се изложени на опасни патувања, измамени од оние кои лажно им ветуваат кратко и безбедно патување и кои се злоупотребени и ограбени. Голем број од нив ги загубија животите во таа џунгла – рече тогаш Папата и додаде: Потребен е заеднички напор на најдиректно инволвираните земји и меѓународната заедница за да се спречи оваа трагична реалност да остане незабележана и заеднички да се обезбеди хуманитарен одговор.
Порака до бискупите во тие предели
Вчера во порака до учесниците на средбата на пограничните бискупи на Колумбија и Костарика и бискупите на Панама, за кризата во Дариен Тапон, Папата уште еднаш упати апел да се работи неуморно за да се искорени оваа рамнодушност, кога ќе пристигне братот или сестрата мигрант, да најдат место во Црквата каде што нема да се чувствуваат судени, туку прифатени; каде што можат да го изгасат гладот и жедта и да ја оживеат надежта. Истовремено, папата Фрањо побара секој да има право да остане во својата земја со достоинствен и мирен живот.
Ватикан њуз/к.мк