Папата до малтешките Исусовци: Повикот на Црквата е да евангелизира

Папата до малтешките Исусовци: Повикот на Црквата е да евангелизира

Објавени се зборовите упатени од папата Фрањо до Исусовците за време на неговата Апостолска посета на Малта на почетокот на април. Разговараа на различни теми, од климатските промени до синодалниот пат и предизвиците на миграцијата, објавено е во Исусовското списание La Civiltà Cattolica.

Во Малта, за време на неговата 36. Апостолска посета во странство, воден од мотото „Ни искажаа особено човекољубие“, тој го привлече вниманието на маките на мигрантите кои го преминуваат Медитеранот и ја поттикна евангелизацијата во земјата. Меѓу активностите за време на дводневното патување беше и средбата со браќата од Друштвото Исусово, со кои се сретна во Апостолската нунцијатура на 3 април. Тоа беше спонтан разговор со 38 Исусовци, при што Светиот Отец одговараше на нивните прашања за Црквата и светот.

Црквата во иднина

Запрашан за иднината на Црквата и за синодалниот пат, Светиот Отец рече дека неговиот претходник Бенедикт XVI е „пророкот за Црква во иднина“. Папата рече за Црквата дека ќе стане помала и која може да изгуби многу привилегии, но ќе стане поскромна, повеќе духовна и повеќе автентична.

Тој се осврна и на предизвикот за бројот на звањата, особено во светло на опаѓачкиот број на младите луѓе во Европа, што исто така претставува ризик да се бара звања без соодветно расудување. Имајќи го ова на ум, тој истакна дека Црквата мора да се навикне на постара Европа и на креативен начин да обезбеди понизност, служење и автентичност.

Кога станува збор за синодалниот пат, Папата ја истакна важноста да се размислува за теологијата на синодалноста за да напредува како синодална Црква, нагласувајќи дека Црквата учи да зборува и пишува „за синодата“. Тој исто така истакна дека повикот на Црквата не е во нејзината бројност, туку радоста на Црквата е да евангелизира.

Формација

Папата ги охрабри семинаристите да се стремат да бидат „нормални луѓе“, способни да носат одлуки за својот живот. Тој исто така инсистираше на важноста на нормални претпоставени кои не се лицемери, бидејќи лицемерието како инструмент на моќта не помага во решавање на немирите, проблемите и скриените гревови.

Тој ја истакна потребата од доверба и јасност во меѓусебната придружба, истакнувајќи дека претпоставените мора да работат на тоа за да може да им се верува. Покрај тоа, претпоставените треба да бидат подготвени да имаат некоја „enfant terrible“, нескротлива личност и да бидат отворени трпеливо да ја исправаат.

Миграција

Поради својата географска локација, Малта е главна станица за многу мигранти кои го преминуваат Медитеранот. Запрашан за предизвикот на миграцијата во Европа и приемот на украинските бегалци, папата Фрањо призна дека во Европа има проблем со миграцијата, истакнувајќи ги напорите на земјите како Италија, Кипар, Малта, Грција и Шпанија. Тој го привлече вниманието на опасностите и предизвиците со кои се соочуваат мигрантите на опасното патување преку морето. Во овој контекст, Папата истакна дека Европа мора да вложи напори за заштита на човековите права за да се стави крај на културата на отфрлање и да се избегне давање легитимитет на соучесништвото на надлежните тела.

Климатски промени и евангелизација

Одговарајќи на прашање за поврзаноста помеѓу евангелизацијата и климатските промени, папата Фрањо истакна дека занемарувањето на климата е грев против Божјиот дар на сето создание и форма на паганство, климата се сведува на идол, што ја одвојува од дарот на целото создание. Во овој поглед, грижата за нашиот заеднички дом е веќе евангелизација. Папата ја истакна итноста за преземање чекори во овој поглед за идните генерации.

Целосниот текст од средбата на Папата со малтешките језуити е објавен во „La Civiltà Cattolica“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот