Папата до Етиопскиот патријарх: Крвта на мачениците го исповедуваат Христа
Заради новите шокантни насилства и егзекуции врз етиопските христијани во Либија, папата Фрањо му испрати порака на етиопскиот патријарх Абун Матијас.
„Со голема загриженост и тага ја примив веста за новото и шокантно насилство кое беше сторено на невините христијани во Либија“ – напиша Светиот Отец во пораката до Абун Матијас, патријарх на Етиопската православна црква, по повод егзекуцијата на две групи етиопски христијани во Либија. Џихадистите „Даеш“ (од самонаречената исламистичка држава) на едната група христијани им ги отсекоа главите, а на другата ги убија со истрел во тилот.
„Знам дека Вашата Светост доживеа голема болка“ – напиша папата Фрањо – „гледајќи како Вашите деца се убиваат само затоа што се следбеници на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос“. Обраќајќи му се на патријархот во искрена духовна солидарност, Папата вети блискост во молитвата пред непрекинатото мачеништво на кое „така сурово се подложени христијаните во Африка, на Блискиот Исток и во некои делови на Азија“.
„Не е важно дали жртвите се католици, копти, православни или протестанти. Нивната крв е еднаква во исповедувањето на Христос! Крвта на нашите христијански браќа и сестри е сведоштво кое сугерира плач како би го слушнале сите оние кои сеуште знаат да го разликуват доброто и злото. Со тоа повеќе треба да го слушнат овој крик оние кои во своите раце ја држаат судбината на народите“ – рече Светиот Отец.
„Сега сме во време исполнети со воскресната радост на учениците, на кои жените им ја донесоа веста дека ‘Исус воскресна од мртвите’. Оваа радост – која никогаш не исчезнува – оваа година е замаглена со длабока тага. Меѓутоа, знаеме дека нашиот живот во Божјата милосрдна љубов е посилна од болката која сите христијани ја чувствуваат, болката која ја делаат сите луѓе со добра волја во сите верски традиции“ – напиша на крајот папата Фрањо.
РВ/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк