Отстранете ги младите од улиците пред културата на смртта да го искористи нивниот немир и имагинација, продавајќи им магични решенија.
На 24 јануари 2019 година, во црквата „Свети Фрањо Асишки“ во Панама Папата се сретна со епископите во Средна Америка, членови на Средноамериканскиот епископски секретаријат на кој припаѓаат Епископските конференции на Панама, Ел Салвадор, Костарика, Кватемала, Хондурас и Никарагва, и ги повика да ги прошират своите хоризонти и да ги обединат силите во слушањето, разбирањето, посветеноста и ангажираноста. Како пример за тоа го истакна свети Оскар Ромеро надбискуп на Сан Салвадор кој е убиен во 1980 година и неодамна прогласен за светец.
Надбискупот Ромеро е постојан извор на вдахновение за Црквата и епископите затоа што се чувствувал повикан да се жртвува, да се троши и изморува обидувајќи се да го живее милосрдието не како милостиња, туку како повик – рече Светиот Отец обраќајќи им се на епископите и потсети, дека многу епископи го сметале за лош и сомнителен, а во приватните разговори од некои епископи бил исфрлен од заедништвото. „Да се сочувствуваш со Црквата“ му била мислата водилка која го карактеризирала неговиот живот во верност, па и во најтешките моменти, преливајќи се во маченичка посветеност која во секојдневната служба им е потребна на денешните луѓе.
Ромеро можел да се соедини и да живее за Црквата затоа што го љубел оној кој го родил во верата – рече папата Фрањо и истакна, без таа внатрешна љубов би било тешко да се разбере неговиот живот и преобраќaње, бидејќи таа иста љубов го водела до мачеништво. Мачеништвото не е знак на малодушност или однесувaње на некој кој не го љуби животот. Маченик е оној кој знае благодарноста да ја овоплоти и преведе во живот. Надбискупот на Сан Салвадор ја љубел Црквата како мајка која го родила во верата, се чувствувал за дел од Црквата и го прифаќал придонесот и науката на Вториот ватикански собор.
Таму нашол сигурна рака која му помогнала да Го следи Христа – рече Папата и продолжи, не бил идеолог. Да се сочувствуваш со Црквата за него значело да ја гледаш како Божји народ. Така ни покажа дека пастирот кој Го бара и сака да се сретне со Господ мора да научи да го слуша чукањето на срцето на својот народ, да го чувствува неговиот мирис и да впие од неговата радост и надеж, од неговите жалости и вознемирености и така во длабочината да го разбере Словото Божјо.
Во Црквата Христос живее меѓу нас и затоа таа мора да биде понизна и сиромашна затоа што горделива и самодоволна Црква не е Црква на кеносис – рече Светиот Отец и додаде, важно е да не се плашиме да ги слушаме и да ги допираме раните на луѓето. Пастирот не може да биде далеку од страдањето на својот народ, уште повеќе неговото срце се мери според тоа колку е допрен од животите на ранетите и загрозените. Тие страдања имаат влијание на приоритетите и вкусовите, користењето на времето и парите, на начинот на молитвата слушајќи го постојаниот повик на луѓето и на создавањето на врските.
Инаку, се работи за вера која останала на половина пат или уште полошо за Бог без Христос, Христос без Црква, Црква без народ – рече папата Фрањо и истакна – единствена прилика е Светскиот ден на младите со кој започна вниманието на домородните народи и на оние со африканско потекло затоа што овозможи уште повеќе да се сретнеме и да се приближиме на реалноста на нашите млади. Многу од нивните стремежи се развиле во семејството, во парохијата со помош на веронауката и пасторалот со млади.
Црквата по својата природа е мајка и како таква раѓа живот штитејќи го од сè што може да го загрози неговиот развој – рече Папата и ги поттикна епископите, промовирајте програми и образовни центри кои знаат да ги придружуваат вашите млади, подржувајте ги и подготвувајте ги за одговорност. Отстранете ги од улиците пред културата на смртта да го искористи нивниот немир и имагинација, продавајќи им магични решенија. Не го правете тоа од високо, туку како татковци, како браќа кон браќа. Тие се Христовото лице, а Христос не доаѓа одгоре кон долу, туку од долу нагоре.
Иднината бара да се почитува сегашноста почитувајќи го достоинството на културата на вашите народи – рече Светиот Отец и напомена, пред лажните интереси кои насекаде шират корупција и раст одзимајќи од најсиромашните, потребно е да се грижите за корените, штитејќи го богатото, историско, културно и духовно наследство на вашето подрачје. Подигнете го гласот против културното и духовното пустошење на вашите народи кое произведува радикално сиромаштво затоа што остава без неопходниот витален имунитет кој го одржува достоинството во најтешките моменти. Сите епископи треба да им помагаат на свештениците за да растат, промовирајќи ги нив, а не себе, усвојувајќи го сиромаштвото затоа што тоа повикува на плодност и тоа е ѕид затоа што штити од искушението на духовната световност.
Потребно е да се дава предност на верските и понизните вредности, пред моќта, суетата и горделивоста. Ни треба Црква која не сака нејзината сила да биде како што говорел надбискупот Ромеро моќниците или политиката, туку која се одрекува од благородништвото за да оди придружена единствено од рацете на Распнатиот кој е нејзината вистинска сила. А тоа треба да се претвори во конкретни знаци. Треба да ја преиспитаме својата совест за одлуките и приоритетите во користењето на средствата, влијанијата и позициите. Сиромаштвото е мајка и ѕид затоа што го чува нашето срце за да прифаќа отстапки и компримиси кои ја слабеат слободата и отвореноста на која Господ нè повикува – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк