Папата до вооружените сили: Немојте да бидете заведени од оружјето, секогаш бранете го животот

Кога Господ ќе влезе во коработ на нашите животи за да ни ја донесе радосната вест за Божјата љубов која секогаш нè придружува и поддржува, тогаш животот повторно започнува, надежта повторно се раѓа, изгубениот ентузијазам се враќа и можеме повторно да ги фрлиме нашите мрежи во морето, рече папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија како дел од јубилејот на вооружените сили на полицијата и безбедноста.
Не губете ја од вид целта на вашата служба и вашите дела: да промовирате живот, да спасувате животи, секогаш да го браните животот, им порача папата Фрањо на претставниците на вооружените сили, полицијата и безбедносните сили присутни на свечената света Литургија за да го прослават јубилејот на вооружените сили, полицијата и безбедносните сили во недела, 9 февруари 2025 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Исус погледна, влезе, седна
Осврнувајќи се на евангелскиот текст од 5-та недела во литургиската година (Лука 5,1-11), Папата во својата проповед истакна дека евангелистот го опишува Исусовиот став на Генизаретското езеро со три глаголи: погледна, влезе, седна. Исус погледна, Исус влезе, Исус седна. Тој, додаде, не е преокупиран за да ја покаже својата слика на толпата, со извршување на некоја задача, со придржување до одреден распоред во неговото послание. Напротив, тој секогаш на прво место ја става средбата со другите, односите и грижата за оние напори и неуспеси кои често го оптоваруваат срцето и ја одземаат надежта, објасни Папата.
„Затоа тој ден Исус погледна, влезе и седна. Прво, Исус посматра. Има внимателен поглед кој и покрај мноштвото народ, му овозможува да забележи два кораба врзани на брегот и да го види разочарувањето на лицата на оние рибари кои ги мијат своите празни мрежи по лошата ноќ помината на риболов. Исус го насочува својот сочувствителен поглед. И да не го заборавиме ова: Божјото сочувство. Трите ставови на Бог се близина, сочувство и нежност. Не заборавајте: Бог е близу, Бог е нежен, Бог е сочувствителен, секогаш! И Исус го насочува тој поглед полн со сочувство во очите на овие луѓе, ја гледа нивната обесхрабреност, нивната фрустрација што работеле цела ноќ и не фатиле ништо, нивното чувство на празно срце како што се мрежите кои сега ги држат во рацете“, рече Папата.
Потоа, поради проблеми со дишењето, Папата побара од надбискупот Диего Џовани Равели да ја прочита неговата проповед до крај.
Христова иницијатива
„И кога ја виде нивната неволја, Исус влегува. Го замолува Симон да го оддалечи коработ од брегот и влегува во него, влегувајќи во просторот на неговиот живот, пробивајќи го неуспехот што престојува во неговото срце. Ова е прекрасно: Исус не се ограничува себеси да набљудува работи што не одат добро, како што тоа често го правиме, на крајот повлекувајќи се во плачење и горчина. Напротив, тој презема иницијатива, оди во пресрет на Симон, застанува со него во тој тежок момент и решава да влезе во коработ на неговиот живот, кој таа ноќ неуспешно се враќа на брегот.
Божјата убавина во човечките страдања
Потоа, кога влезе во него, Исус седна. А во евангелијата тоа е карактеристичен однос на учителот, на оној што поучува. Евангелието вели дека седнал и поучувал. Гледајќи ја во очите и срцата на овие рибари горчината за ноќната напорна работа која не вродила плод, Исус влегува во коработ за да поучи, да ја навести радосната вест, да донесе светлина во таа ноќ на разочарување, да раскаже за Божјата убавина во страдањата на човечкиот живот, да ги натера луѓето да почувствуваат дека, дури и кога сè изгледа изгубено, има надеж.
И тогаш се случува чудо: кога Господ ќе влезе во коработ на нашиот живот за да ни ја донесе радосната вест за Божјата љубов која секогаш нè придружува и одржува, тогаш животот започнува повторно, надежта повторно се раѓа, изгубениот ентузијазам се враќа и повторно можеме да ги фрлиме нашите мрежи во морето.
Браќа и сестри, овој збор на надеж нè придружува денеска додека го прославуваме јубилејот на вооружените, полициските и безбедносните сили, на кои им благодарам за служењето, поздравувајќи ги сите присутни владини претставници, членовите на здруженијата и воените академии, како и воените ординарии и капелани. Доверено ви е големо послание кое опфаќа повеќе димензии на општествениот и политичкиот живот: одбраната на нашите земји, посветено ангажирање за безбедноста, заштитата на законите и правдата, присуството во затворите, борбата против криминалот и различните форми на насилство кои се закануваат да го нарушат општествениот мир. Би сакал да ги спомнам и оние кои ја извршуваат својата важна служба во природни катастрофи, за заштита на создаденото, за спасување на животи по морињата, за најранливите, за промовирање на мирот.
Погледна, влезе, седна
Господ, исто така, бара од вас да го правите она што Тој го прави: да погледнете, да влезете и да седнете. Најпрво да погледнете, затоа што сте повикани да имате внимателен поглед, кој умее да ги забележи заканите за општото добро, опасностите кои ги надвиснуваат животите на граѓаните, еколошките, социјалните и политичките опасности на кои сме изложени. Да влезете, затоа што вашата униформа, дисциплината која од вас направи прекалени луѓе, храброста со која се одликувате, заклетвата што ја дадовте, сето ова ве потсетува колку е важно не само да го гледате злото и да го осудувате, туку и да влезете во коработ среде бурата и да се борите да не потоне, со послание во служба на доброто, слободата и правдата. И, на крајот, да седнете, затоа што вашето присуство во нашите градови и градски квартови, тоа што сте секогаш на страната на законот и на страната на најслабите, станува лекција за сите нас: нè учи дека доброто може да победи и покрај сè, нè учи дека правдата, лојалноста и љубовта кон општеството во кое живееме дури и денес се неопходни вредности кои нè учат дека можеме да создадеме почовечки, поправеден свет во кој ќе има повеќе братство, и покрај силите на злото.
Придружуван од капеланите во служба на доброто
И во оваа задача, која го опфаќа целиот ваш живот, ве придружуваат капелани, важно свештеничко присуство меѓу вас. Тие не служат – како што за жал понекогаш се случувало во историјата – да ги благословуваат изопачените воени дејствија. Не. Тие се меѓу вас како присуство на Христос кој сака да ве придружува, да ви понуди слушање и близина, да ве охрабрува да отпловите и да ве поддржува во посланието кое го извршувате секојдневно. Како морална и духовна поддршка, тие чекорат по патот со вас, помагајќи ви да ги исполните вашите должности во светлината на Евангелието и во служба на доброто.
Драги браќа и сестри, ние сме благодарни за она што го правите, понекогаш на личен ризик. Ви благодариме што влегувате на нашите кораби во неволја, ни ја нудите вашата заштита и нè охрабрувате да продолжиме со нашиот пат. Но, исто така, би сакал да ве охрабрам да не ја изгубите од вид целта на вашата служба и вашите дела: да го промовирате животот, да спасувате животи, секогаш да го браните животот. Ве молам да бидете будни: да бидете внимателни на искушенијата да се негува духот на војната; да бидете внимателни да не ве заведе митот за силата и говорот на оружјето; да бидете внимателни за никогаш да не се заразите со отровот на пропагандата на омраза, која го дели светот на пријатели кои треба да се бранат и непријатели против кои треба да се борите. Бидете, напротив, храбри сведоци на љубовта на Бога Отецот, кој сака сите да бидеме браќа. Да чекориме заедно за да изградиме нова ера на мир, правда и братство“, повика Папата во неговата проповед.
Ватикан њуз/к.мк