Папата Фрањо до филипинските ходочесници: Бидете пример во делата на милосрдие

Папата Фрањо до филипинските ходочесници: Бидете пример во делата на милосрдие

Папата Фрањо на 17 ноември 2023 година се сретна со филипинските ходочесници од надбискупијата Озамиз, кои со богородично ходочестие ја прославуваат 50-годишнината од основањето на надбискупијата. Нивниот Златен јубилеј во Рим го крунисаа со средба со Светиот Отец.

Папата ја изрази својата радост за одбележувањето на Златниот јубилеј од основањето на надбискупијата и му се заблагодари на надбискупот Мартин Сармиенто Џумоад и на целата ходочесничка група за нивната посета.

Ходочестијата во светилиштата е израз на доверба во Бога, истакна папата Фрањо обраќајќи им се на ходочесниците. Тој рече дека тие носат вера, лична историја, радости, грижи, надежи и конкретни молитви во нивните срца.

Светиот Отец ги потсети на библиската приказна за Ана, мајката на пророкот Самуил. Ана тажна, но во исто време и со скромна доверба отиде во Силом, молејќи го Бога да ѝ подари син. Таму Господ ја слушна и одговори на нејзината молитва, потсети Папата и додаде дека во светилиштата можеме да ја сретнеме Божјата нежна љубов, кон сите милосрдна.

Исто така, Папата ја истакна улогата на Пресвета Богородица, преку која можеме да ја спознаеме Божјата милост. Таа нè учи како да го примиме Бога во нашите животи. Бидејќи е мајка, знае да ги принесе нашите потреби пред Исус, исто како што направи на свадбата во Кана, истакна Папата.

Среќен сум што вашето ходочестие е богородично, рече папата Фрањо, нагласувајќи ја важноста на водството на Марија во слушањето, изборот и споделувањето на Словото.

Пресвета Богородица како пример

Папата потоа напомена дека Дева Марија е првата мисионерка ученичка на Црквата. Тој ја наведе нејзината посета на нејзината роднина Елисавета како модел во споделувањето на Божјото Слово на другите.

Петровиот наследник изрази надеж дека ова ходочестие ќе го преобрази секој учесник во жесток мисионер, подготвен да сведочи за Божјото присуство, милост и љубов.

Бидете пример во делата на милосрдие

Светиот Отец ги повика верниците од целата надбискупија Озамиз на подлабока свесност за нивниот крштелен повик, во кој сме повикани да живееме како верни ученици Господови.

Тој ги охрабри верниците да бидат пример во делата на милосрдието и посебно, со Исусовата милосрдната љубов, да бидат блиски со семејствата, младите, постарите и сиромашните.

Тој, исто така, ја нагласи нераскинливата врска помеѓу грижата еден за друг и зачувувањето на животната средина и повика на одговорно управување со сето создание.

Папата Фрањо, покрај тоа, ги охрабри ходочесниците на заедништво во братската солидарност. Повторно ја истакна потребата да се слушаме еден со друг, а пред се да го слушаме Светиот Дух, кој ја води Црквата да распознава нови и креативни начини за навестување на Евангелието.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот