Папата Фрањо се сретна со група внатрешно раселени лица од Јужен Судан во главниот град Џуба и го повтори својот силен апел да се прекинат сите конфликти со цел да се обезбеди подобра иднина за народот на Јужен Судан.
Иднината на Јужен Судан не смее да биде во бегалските кампови
На средбата во сабота, 4 февруари 2023 година со група внатрешно раселени лица од Јужен Судан заедно со надбискупот од Кантербери Велби и пречесниот Гриншилдс, папата Фрањо го обнови својот силен апел за крај на сите конфликти во Јужен Судан за да продолжи мировниот процес, на сериозен начин, да престане насилството и луѓето да добијат можност да имаат достоен живот .
Само со мир, стабилност и правда може да дојде до развој и општествена реинтеграција, рече Папата.
Средбата се одржа во саботата попладне во „Салата на слободата“, која се наоѓа веднаш до мавзолејот Џон Гаранг во главниот град Џуба. Екуменското ходочастие за мир има за цел да ги поттикне закочените мировни процеси на младата земја и да го привлече меѓународното внимание на монеталните борби, заедно со влошената хуманитарна криза.
Сведоштва на три прогонети деца и презентација на претставничката на Обединетите нации
Говорот на папата Фрањо следуваше по три сведоштва на три раселени деца од камповите Бентиу, Малакал и Џуба, како и по воведниот говор на заменик специјалниот претставник на генералниот секретар, постојан и хуманитарен координатор Сара Бејсолов Нијани, која презентираше преглед на моменталната хуманитарна криза и меѓународните напори за поддршка на нацијата погодена од војната.
Во своето излагање, либериската претставничка на Обединетите нации истакна дека несигурноста, поттикната од насилството меѓу заедниците, криминалот и неказнивоста, продолжува да ги забавува националните и меѓународните напори за воспоставување мир во Јужен Судан, кој е во војна од 2013 година.
Таа објасни дека 10-годишниот конфликт расели два милиони луѓе и предизвика дополнителни два милиони бегалци надвор од земјата, со што Јужен Судан е четврти на листата на најзапоставени кризи со раселување во светот и земја со најголема бегалска криза во Африка.
Исто така, екстремните нивоа на несигурност и неухранетост погодуваат две третини од населението на земјата, што ја прави една од најзагрозените итни случаи за храна во светот. Најмногу страдаат жените, децата, старите лица и лицата со попреченост.
Жените се клучни за промените во Јужен Судан
Сепак, според координаторката Нијани, сè уште има можности да се обезбеди поддршка на засегнатите заедници во остварувањето на развојот на нивниот потенцијал и промените на земјата, посебно жените. Навистина, рече таа, жените се клучот за промените во Јужен Судан.
Папата Фрањо го дели ова гледиште: Ако на мајките и жените им се овозможат соодветни можности, со нивната трудољубивост и нивниот природен дар за заштита на животот – рече тој – тие ќе имаат способност да го променат лицето на Јужен Судан, да му дадат мирен и кохезивен развој!
Ги молам сите луѓе да обезбедат заштита и почитување на жените. Ве молиме заштитете ја, почитувајте ја и ценете ја секоја жена, секоја девојка, мајка и баба. Во спротивно, нема иднина!
Страдам за вас и со вас
Во своето обраќање Светиот Отец ја изрази својата близина и наклонетост кон сите луѓе кои се раселени поради насилство и природни катастрофи во Јужен Судан.
Тука сум со вас, страдам за вас и со вас, рече Папата. Осврнувајќи се на сведоштвата на трите прогонети деца кои ги споделија своите тешкотии и надежи за иднината, Папата ја повтори важноста од итно воспоставување долгорочен мир за децата и младите да можат да уживаат во детството во отворено и интегрирано општество, откривајќи ја убавината на помирено братство.
Потребно е да растете како отворено општество, различните групи да се мешаат и да се формираат во еден народ со прифаќање на предизвикот за интеграција, дури и со учење на јазиците што се зборуваат низ целата земја, а не само оние на вашата одредена етничка група. Апсолутно е неопходно да се избегне исфрлање на групи и гетоизирање на човечки суштества. Меѓутоа, за да се одговори на сите овие предизвици, потребен е мир.
Бидете семе на надеж избирајќи братство и простување
Откако и се заблагодари на координаторката Нијани за нејзиниот информативен увид во моменталната ситуација и предизвиците во Јужен Судан, папата Фрањо продолжи со напомена дека и покрај нивното болно минато и сегашните тешкотии со раселувањето, верата и надежта за подобра иднина не се изгубени. Тој ги охрабри да бидат семе на таа надеж избирајќи братство и простување и градење мрежи на заедништво и патишта на помирување меѓу луѓето од друга националност и потекло.
Поканете ги младите да ја пишуваат историјата на својата земја
Папата посебно апелираше до младите во Јужен Судан да ја испишат историјата на својата земја како историја на мирот, учејќи од искуствата на своите постари, нивните корени.
Вие, младите луѓе од различни националности, и испишете ги првите страници од новото поглавје! Иако конфликтите, насилството и омразата ги заменија убавите спомени од првите страници од животот на оваа млада Република, мора да бидете тие што ќе ја испишете нејзината историја како историја на мирот!
Благодарност до црковните заедници, ОН и хуманитарните организации
На крајот од своето обраќање, папата Фрањо изрази благодарност до сите кои им помагаат на прогонетите во итните ситуации во Јужен Судан: црковните заедници, мисионерите и хуманитарните и меѓународните организации, посебно Обединетите нации. Тој се сети и на многуте хуманитарни работници кои ги загубија животите додека им пружаа помош на жителите на Јужен Судан.
Ватикан њуз/к.мк