Папата Фрањо испрати писмо до католиците во Виетнам во кое го поздравува историското усвојување на Договорот за статусот на постојаниот папски претставник и ја нагласува постојаната важност на љубовта, дијалогот и милосрдието, повикувајќи ги верниците да бидат позитивна добра сила во нивниот народ и да поттикнуваат соработка со државните органи.
Папата Фрањо упати топли поздрави до целата католичка заедница во Виетнам по повод усвојувањето на Договорот меѓу Владата на Социјалистичка Република Виетнам и Светиот Престол за статусот на постојаниот папски претставник во Виетнам.
Во писмото на Светиот Отец, упатено до бискупите, свештениците, посветените лица и верниот Божји народ во Виетнам, се истакнува вечната важност на љубовта како мерка на верата. Папата Фрањо напиша: „Љубовта е мерка на верата, а верата е душата на љубовта, никогаш не заборавајќи дека љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот се две страни на иста паричка“.
Важноста на договорот
Усвојувањето на овој договор означува важен чекор во постоечките односи меѓу Светиот Пресетол и Виетнам, како резултат на позитивните односи што се развија во последните години. Треба да се напомене дека официјалната посета на претседателот Во Ван Туонг на Ватикан во јули послужи како симбол на надеж за континуирана соработка и меѓусебно разбирање. Папата Фрањо во своето писмо ја истакна важноста на оваа посета, наведувајќи дека „таа средба е од особено значење во процесот на зајакнување на односите меѓу Светиот Престол и Виетнам“.
Односите меѓу Виетнам и Светиот Престол
Во своето писмо, папата Фрањо ја препознава храброста, истрајноста и чувството на семејствата во виетнамскиот народ, квалитети кои Црквата длабоко ги вреднува. Тој ја истакна важноста на дијалогот и стремежот за општото добро, дури и покрај разликите, и го поздрави продолжувањето на работата на Заедничката работна група на Виетнам и Светиот Престол. „Иако секој од нив доаѓа од различна средина и различно животно искуство, тоа не ги спречи заедно да го бараат најдобриот пат за доброто на виетнамскиот народ и Црквата“, истакна Папата.
Осврнувајќи се на учењето на Свети Иван Павле II, папата Фрањо ја истакна улогата на католиците како членови на Црквата и граѓани на Виетнам. Тој ги повикува верниците на „лојалност во изградбата на праведно, солидарно и чесно општество“, нагласувајќи ја соработката и дијалогот. Во неговото писмо се повторуваат и зборовите на папата Бенедикт XVI, нагласувајќи ја желбата на Црквата да соработува со државните лидери: „Таа сака само да може да игра праведна улога во животот на народот, во служба на целиот народ, во дух на дијалог и соработка со почит“.
Милосрдие и служење
Папата ја нагласува важноста на милосрдието и служењето, особено во време на криза како што е пандемијата Ковид-19. Тој и честиташе на католичката заедница за придонесот во општеството и застапувањето за ранливите и сиромашните. „Црквата во Виетнам, со охрабрување на сите бискупи и Виетнамската бискупска конференција, се покажа како квасец во општеството, придружувајќи го во нејзиниот развој и придонесувајќи за нејзиниот напредок како верни, одговорни и лојални верници“, напиша папата Фрањо.
„За сето ова потсетија виетнамските бискупи во нивното пасторално писмо објавено оваа година, кое има за цел да го промовира учеството во животот на заедницата преку взаемна љубов, искрено слушање и дела на милосрдие кон оние кои не ја делат истата вера и во грижа за најранливите и најпотребните“, потсети Папата.
Повикани сте да ја исполните Исусовата наука
Светиот Отец ги опиша своите браќа и сестри во Виетнам, католички верници, дека секогаш се подготвени успешно да одговорат на секојдневните потреби на другите и да учествуваат во градењето на општото добро во сите области од општествениот живот на земјата. „Вие сте повикани да ја исполните Исусовата наука за да бидете светлина на светот и сол на земјата“ и „нивната светлина така да свети пред другите за да можат да ги видат нивните добри дела и да го слават својот Отец кој е на небесата“ вели Папата.
Папата Фрањо го заврши своето писмо повикувајќи се на зборовите на Свети Иван XXIII, нагласувајќи ја важноста на љубовта во односите меѓу поединците и народите. „Суштинска карактеристика на љубовта е тоа што таа ги обединува мажите и жените на различни начини, искрено обединети во односите на умот и материјата; и од тоа соединување можат да произлезат безброј благослови“, вели Папата.
Сведочете за Исусовата љубов и милосрдие
На крајот, Папата моли Бог да ја просветли и да ја води католичката заедница во Виетнам за да можат да сведочат за Исусовата љубов и милосрдие за слава Божја. „Завршувајќи го ова братско писмо, се надевам дека вие, драги бискупи, свештеници, посветени мажи и жени и верни мирјани, ќе имате храброст да го следите Христовиот пример“, пишува Петровиот наследник.
Нека Пресвета Богородица од Ла Ванг, саканата покровителка на Виетнам, бдее и посредува за Католичката црква и народот, носејќи им благослови и изобилни благодати на сите“, пишува на крајот од писмото папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк