Папата до верниците: Да дадеме светлина на светот!

Во денешниот говор пред молитвата Ангел Господов, Светиот Отец говореше за зборовите кои Исус ги кaжа на своите ученици: „Вие сте солта на земјата… Вие сте светлината на светот“ (Мт 5,13.14). Тоа нѐ зачудува ако знаеме кој стои пред Исус додека ги говори овие зборови – изјави Папата, прашувајќи: Кој биле всушност тие ученици? Биле рибари, едноставно луѓе… Но, Исус ги гледа со Божји очи, а неговото тврдење се разбира е само како последица на Блаженствата. Он сака да каже: Ако бидете сиромашни во духот, кротки, со чисти срца, милосрдни… ќе бидете сол на земјата и светлина на светот! – истакна Папата.

Симболиката на солта и светлината, Светиот Отец ја објасни наведувајќи пропис од еврејскиот закон, дека секој принос на Бог во знак на Сојузот малку се посолува. Светлината пак за Израел била симбол на месијанската објава која победносно се слави над темнината на паганството. Христијаните како нов Израел примаат мисија кон сите луѓе: со вера и љубов можат да насочуват, да го посветат човештвото и да го направат плодно – објасни папата Фрањо и нагласи: Сите ние сме крстени – ученици, мисионери и повикани сме да станеме живо Евангелие во светот: со светиот живот ќе дадеме „вкус“ на разните опкружувања, ќе го одбраниме од распаѓање, како што тоа го прави солта; и ќе го носиме Христовото светло преку сведочењето за невина љубов. Но ако христијаните го изгубат вкусот и згаснат, нивната присутност губи ефикасност – рече Папата додавајќи:

Колку е убаво тоа послание: да дадеме светлина на светот! Тоа е нашето послание, прекрасно е! Исто така е убаво да го сочуваме светлото кое сме го примиле од Исус. Христијанинот треба да биде голем човек, кој носи светлина, кој секогаш дава светло; она светло кое не е негово, туку дар од Бог, Исусов дар. Ако христијанинот го изгаси тоа светло, неговиот живот нема смисла: тој е христијанин само по име, кој не носи светло, тоа е живот без смисла. Тогаш Папата ги праша присутните како сакат да живеат: како згаснати или како запалени светилки, повторувајќи го прашањето неколку пати во исчекување на одговор. Кога присутните одговорија дека сакаат да бидат запалена светилка, Папата рече дека тоа е христијански повик: Бог ни го дава тоа светло, а ние го пренесуваме на другите.

Светиот Отец потсети дека Црквата задутре на 11 февруари слави спомен на Блажена Дева Марија Лурдска и го одбележува Светскиот ден на болните. Тоа е добар повод во центарот на заедницата да ги ставиме болните луѓе за нив и со нив да молиме, да им бидеме близу. Пораката за тој Ден е вдахната од зборовите на свети Иван Богослов: Вера и Љубов: „но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.“(1Ив 3,16) На посебен начин можеме да го имитираме Исусовиот став кон болните од секаков вид: Господ се грижи за сите, ги дели нивните страдања и го отвора срцето за надеж – рече Светиот Отец. Папата тогаш посебно ги спомна здраствените работници оценувајќи ја нивната работа како благородна при што им се заблагодари за нивната љубов што ја искажуваат кон болните. Тие секојдневно сретнуваат во болните не само тела кои се означени со кревкост, туку и луѓе на кои им даваат нега и соодветни одговори – рече Папата.

Достоинството на луѓето никогаш не се сведува на нејзините можности и способности, и не се гаси кога човекот ќе ослаби или е немоќен и потребна му е помош – предупреди Светиот Отец. На посебен начин својата мисла ја насочи на семејствата каде е нормално да се грижат за оној кој е болен; што во некои ситуации се и многу тешки… Многу од нив ми пишуваат, а денес им ја гарантирам својата молитва за сите тие семејства и им велам: не плашете се од ранливоста! Помагајте си еден на друг со љубов и ќе ја почувствуваме утешителната присутност на Бог – ги утеши Папата, предупредувајќи дека всушност великодушниот и христијанскиот став кон болните е сол на земјата и светлина на светот.

На крајот Светиот Отец повика помош до Дева Марија да измоли мир и утеха за сите кои трпат. По молитвата Ангел Господов Светиот Отец ги поздрави организаторите и учесниците на Зимските Олимписки игри во Сочи, Русија со желба тоа да биде вистинско славење на спортот и пријателството. Посебно ја изрази својата близина на оние кои трпат поради временските непогоди и на крајот ги потсети присутните да одат напред низ животот со своите запалени светилки.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот