Папата до верениците: Љубовта не се гради на песок, туку на цврст терен
Во Ватикан на 14 февруари за верениците е подготвено оригинално Валентиново. Над дваесет илјади заљубени парови помлади од триесет години од 28 земји, кои се пријавија преку своите епископски совети за пасторал со семејство, се собраа на Плоштадот свети Петар на повик на папата Фрањо, кој на сите им поклони перниче. Бројот на пријавени ги изненади организаторите. Најпрво беше предвидено средбата да се одржи во салата Павле VI, меѓутоа поради големиот број на вереници се одржа сепак на Плоштадот свети Петар.
Со молитва, песни и музика младите на Папата му ја илустрираа историјата на љубовта. Три пара, кои ги претставуваа сите заљубени парови, му поставија на Папата однапред три прашања. Во првото го прашаа дали е можно да се сакаат засекогаш. Многумина имено се плашат од таков конечен избор. Тоа е стравот кој е типичен за нашето време, рече Папата и истакна како тој менталитет нè доведува до заклучок дека се живее заедно додека трае љубовта. Не смееме да дозволиме да победи културата на привременоста, бидејќи стравот пред ветувањето „засекогаш“ се лекува од ден во ден. Љубовта не се гради на песок, туку на цврст терен, им појасни папата Фрањо на верениците и ги повика да се молат на Господ да им ја подели секојдневната љубов, а тоа е секојдневно одење, кое не завршува кога верениците ќе успеат да се освојат еден на друг. Тоа одење подлегнува на секојдневните правила, кои може да се сумираат во три збора: да се бара дозвола, да се благодари и да се бара опростување. Така расте христијанското семејство, појасни Светиот Отец и забележа дека не постои совршено семејство, бидејќи сите сме грешници. Им порача на верениците да не дозволат денот да заврши, а да не се помириле еден со друг и да не побарале еден од друг опростување. Сите сме спремни да го осудиме другиот и да се оправдаме самите себеси. Тоа стои на почетокот на Библијата. Бог го праша Адам дали јадел од забранетото јаболко, а тој одговара дека го јадел јаболкото кое му го дала Ева. Тоа е значи стара приказна, која предизвикува толку катастрофи. Да настојуваме да ги признаеме нашите погрешки и да молиме за опростување.
Верениците кои го прашаа за совет како да го прослават денот на венчавањето, папата Фрањо препорача да настојуваат да подготват христијанска, а не световна забава. Нека венчалната прослава биде трезвена. Настојувајте да дојде до израз она што е навистина важно. Многумина водат повеќе грижа за надворешноста, гозбата, фотографиите, облеката, цвеќето и слични работи. Сето тоа е важно за исходот на свеченоста, меѓутоа единствено ако успее да ја осмисли вашата радост, а тоа е Божјиот благослов за вашата љубов. Пред средбата Папата им испрати на младенците порака преку твитер, во кој ги повикува да не се плашат да склопат брак, бидејќи во верниот и плоден брак ќе бидат среќни.
РВ/С.С.