Папата до болните: Вашиот живот е дар за Црквата

Папата до болните: Вашиот живот е дар за Црквата

На крајот од литургиското славење во светилиштето во Фатима, кога ги прогласи за свети братот и сестрата, Фрањо и Јацинта Марто, папата Фрањо упати посебен поздрав до сите присутни болни.

Не срамете се да бидете скапоцено богатство на Црквата – им рече Папата. Сметајте на молитвите кои од сите страни се воздигнуваат за вас и со вас. Бог е Отец и никогаш нема да ве заборави.

Кога поминуваме низ некоја мака, Тој веќе поминал низ неа – истакна Папата. Во својата Мака Тој на себе го презеде целото наше страдање. Исус знае што значи болка, нè разбира, утешува и ни дава сила, како што тоа го направил со свети Фрањо и света Јацинта Марто, и со сите светци од сите времиња и места. Како што целата Црква била во молитва за апостол Петар, додека бил во затвор во Ерусалим – продолжи Папата – така Црквата и понатаму го моли Господ да ги утеши ожалостените како вас, и Он вас ве теши. Пред нашите очи Исус е сокриен, но е присутен во Евхаристијата, како што е сокриен, но присутен во раните нашите болни браќа и сестри кои трпат.

Дева Марија денес на сите нас ни го повторува прашањето кое го упати на малите пастири пред сто години: „Сакате ли да се принесете на Бог?“ Одговорот „Да, сакаме!“ ни дава можност да сфатиме и да го наследуваме нивниот живот – рече папата Фрањо, а потоа ги поттикна болните својот живот да го живеат како дар, и да не се чувствуваат само за приматели на солидарност, туку полноправни учесници во животот на Црквата.

Вашето тивко присуство, но изразено од многу зборови, вашата молитва, секојдневниот принос на вашето трпење во единство со трпењето на Исус распнатиот за спасение на светот, и трпеливото, дури и радосното прифаќање на вашата состојба, се духовно богатство, наследство на секоја христијанска заедница. Да не се срамите да бидете скапоцено богатство на Црквата – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот