Папата до бискупите од Мали: Треба да се зачува дијалогот меѓу религиите

На 7 мај 2015 година бискупите од Мали беа примени од Светиот Отец на аудиенцијата по повод нивната посета ‘Ад Лимина’.

И покрај серијата проблеми кои го погодија Мали, во оваа африканска земја Црквата е многу динамична, и сведок е на надежта и мирот – напиша папата Фрањо во говорот за бискупите од Мали, кој им го даде примајќи ги на 7 мај по повод нивната посета ‘Ад Лимина’.

Африканската држава Мали веќе неколку години се соочува со големи општествени и политички проблеми, како и со нестабилноста на сигурноста. Тие – како што примети Светиот Отец – понекогаш го загрозија соживотот меѓу различните компоненти на општеството, не поштедувајќи ја ниту хармонијата помеѓу мажите и жените од различни религии, присутни во оваа богата земја со славно минато и прекрасни традиции, вклучувајќи ја толеранцијата и поврзаноста на земјата.

Заблагодарувајќи се на Бискупската конференција на Мали аа зачувувањето на духот на меѓународниот дијалог и тоа во оваа деликатна ситуација, папата Фрањо рече дека овој дух е пренесен и во заедничкото ангажирање на христијаните и муслиманите во зачувувањето на културното богатство на земјата, а особено на библиотеката во Тумбукту, која се смета за културно богатство на човештвото.

Папата притоа ги замоли бискупите од Мали, кога ќе се вратат во својата татковина, да ја пренесат нивната блискост на своите верници, но исто така и на другите сограѓани од сите класи и сите религии, на мажите и жените со добра волја кои се посветуваат на борбата против нетолеранцијата и исклучувањето. Во овие тешки моменти сите се повикани да се надминат себеси, подигајќи го погледот подалеку од хоризонтот на самољубието и посебните интереси, копнеејќи кон општото добро – им препорача Светиот Отец и додаде дека христијанските заедници и нивните пастири се повикани на поизразено сведочење на верата, која се темели на почитувањето на евангелските вредности.

Во динамиката која е соодветна на Црквата во Мали, потребно е – според зборовите на Папата – да се вкоренат вредностите на христијанското семејство, во општествениот контекст кој е означен со разводите и полигамијата, исто така и да се промовира положбата и улогата на жената во општеството, отстранувајќи ја злоупотребата и насилството. При тоа секогаш треба да се размислува на тоа дека Исус се родил од жена, Пресвета Богородица.

Неизбежна е исто така – како што рече папата Фрањо – соработката меѓу локалните Цркви, инспирирана од љубовта и единството, кои се неопходни за да би биле веродостојни и во дијалогот со другите вери. Светиот Отец на крајот ги поттикна бискупите да продолжат да го промовираат човекот, особено младите, правејќи го тоа без оглед на етничката или верската припадност и инспирирајќи се на културата на солидарноста и прифаќањето, особено со цел да се отстрани насилството и да се поттикне вистинското национално помирување.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот