Папата: Договорот меѓу САД и Иран треба да доведе до крај на војната и елиминирање на нуклеарното оружје

Папата: Договорот меѓу САД и Иран треба да доведе до крај на војната и елиминирање на нуклеарното оружје

Папата Лав XIV одговараше на новинарски прашања во Кастел Гандолфо и се осврна на своето неодамнешно патување во Шпанија, миграцијата, надежите за мир и можната нова поделба во Црквата околу Друштвото на Свети Пиј X.

Папата Лав XIV во Кастел Гандолфо разговараше со новинарите и се осврна на повеќе актуелни теми: неговото неодамнешно патување во Шпанија, прашањето за мигрантите, договорот меѓу САД и Иран, како и најавените епископски ракополагања од страна на Друштвото на Свети Пиј X.

Светиот Отец изјави дека е „исклучително задоволен“ од своето апостолско патување во Шпанија и изрази надеж дека договорот меѓу САД и Иран навистина ќе придонесе „војната да заврши“ и светот да продолжи напред „за доброто на сите“.

Пред вилата Барберини, каде што го помина својот вообичаен ден за одмор и работа, Папата застана пред новинарите што го чекаа зад бариерите, заедно со група верници, претежно од Полска, кои пееја богородични песни.

„Прекрасно“ патување во Шпанија

Папата најнапред се осврна на своето патување во Шпанија, од Мадрид и Барселона до Канарските Острови. Посебно го истакна „ентузијастичкиот одѕив на толку многу луѓе насекаде“.

„Човек можеше да помисли дека на некои места одзивот ќе биде поголем, а на други помал, но вистината е дека беше нешто прекрасно“, рече папата Лав.

Говорејќи на шпански јазик, тој додаде дека „секој момент бил добро подготвен“ и им се заблагодари на епископите, лаиците и волонтерите што учествувале во организацијата.

Папата се осврна и на средбата со политичарите, при што новинарите го потсетија на осумминутниот аплауз во Кортесот, во период кога шпанската политика минува низ тензии.

„Не сакам да се мешам во шпанската политика, ниту во политиката на други земји, но сакам да повикам на дијалог, на меѓусебно слушање, а не секогаш на критикување и навредување на опозицијата без да се постигнат договори за општото добро“, рече Папата.

Тој повторно го истакна повикот за почитување на човечкото достоинство и на секоја личност.

Апел за мигрантите

Папата повторно се осврна и на прашањето за миграцијата, тема што ја обработи повеќе пати за време на своето патување, особено во Гран Канарија и Тенерифе.

„Многу пати не ги препознаваме причините зошто тие луѓе морале да ги напуштат своите земји. Причините се многу: насилство, војна, конфликт“, рече папата Лав.

Тој предупреди дека едноставниот став: „Ќе ги испратиме, за да си ги измиеме рацете од проблемот“, не е вистински христијански одговор.

„Навистина треба да ги почитуваме поединците, да го разгледуваме секој поединечен случај и пред сè да се однесуваме кон нив со почит како кон личности“, нагласи Папата.

Надежи за мир

Папата одговори и на прашање за договорот меѓу САД и Иран, таканаречениот „Меморандум од Исламабад“, постигнат со посредство на Пакистан.

„Преговорите, фала Му на Бога, барем доведоа до овој Меморандум, кој, како што велат, официјално ќе биде потпишан во петок“, рече Папата.

Тој додаде дека, иако остануваат уште неколку точки што треба да се решат, секогаш е подобро проблемите да се решаваат „преку дијалог и преговори, а не со враќање на војна“.

„Се надевам дека ова навистина е решение за војната, дека војната навистина завршила и дека можеме да продолжиме напред за доброто на сите“, рече Светиот Отец.

Папата повика и на елиминирање на нуклеарното оружје, како и на барање решенија за економските и социјалните проблеми што се појавиле во овој период.

Болка од поделбите во Црквата

Новинарите го прашаа Папата и за случајот со Друштвото на Свети Пиј X, кое најави дека на 1 јули, во Екон, ќе изврши четири епископски ракополагања без папски мандат, и покрај предупредувањето на Светиот Престол за ризик од раскол.

Папата потсети дека Дикастеријата за наука на верата е во контакт со Друштвото и најави можност за уште еден апел.

„Сè уште размислуваме да упатиме уште еден повик и да кажеме: не правете го ова, да се обидеме да живееме во заедништво во Црквата“, рече папата Лав.

Тој додаде дека конечниот избор останува нивен, но дека треба да се разбере што значи таквиот чекор и за нив и за Црквата.

„Поделбата меѓу христијаните е секогаш болна точка“, рече Папата, додавајќи дека проблемот произлегува и од одбивањето да се прифатат одредени фундаментални елементи на Црквата, меѓу кои и некои точки од Вториот ватикански собор.

„Ако ја реализираат таа одлука, жал ми е, но мора да продолжиме напред“, заклучи Папата.

Одмор и идни патувања

На крајот, папата Лав XIV одговори и на прашање за својот летен одмор.

„Малку одмор, многу читање, размислување, подготовка за она што следи. Секогаш има и работа“, рече тој.

На прашањето дали навистина ќе се одмори, одговори со насмевка: „Да се надеваме!“

Истиот одговор го даде и во врска со можноста за идно патување во Мексико и Перу, земјата во која служел како мисионер повеќе од дваесет години.

„Ќе видиме“, рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот