Добриот пастир се приближува до отфрлените, способен е да почувствува сочувство и не се срами да го допре ранетото тело. Кој, напротив, оди по патот на клерикализмот, се повеќе се приближува или до власта или до парите – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија служена во домот Света Марта на 30 октомври 2017 година, коментирајќи го делот од Евангелието според Лука, кој зборува за оздравувањето на згрбавената жена.
Една сабота Исус во синагогата среќава жена која заради болест со години била згрбавена – рече Папата. Евангелистот користи пет зборови за да опише што Исус направил: ја виде, ја повика, ѝ рече, ги стави рацете Свои врз неа, и ја излекува. Пет глаголи кои изразуваат близина – истакна Папата и додаде: Бидејќи пастирот секогаш е близу. Во параболата за Добриот пастир е блиску до загубената овца, ги остава другите и оди да ја бара. Не може да биде далеку од својот народ.
Клериците пак, закониците, фарисеите, садукеите, живееле одделно од народот, постојано прекорувајќи го. Тие не биле добри пастири – рече Папата – биле затворени во својата група и не се интересирале за народот. Можеби им било важно да одат да видат, на крајот од верската служба, колку пари има за милостиња. Но, не биле блиску до народот. Исус, напротив е близу и неговата близина доаѓа од она што го чувствува во срцето: Исус се сожалува.
Заради тоа Исус секогаш бил со луѓето кои таа клерикална група ги отфрлила: со сиромашните, со болните, со грешниците, лепрозните, сите доаѓале кај Него, бидејќи се сочувствувал со оние кои страдале, бил добар пастир. Добриот пастир оди по своето стадо и секогаш го погодува неговото страдање – рече папата Фрањо продолжувајќи: Третата карактеристика на добриот пастир, да не се плаши од она што е телесно, да ги допре раните, како што тоа го направил Исус на жената од Евангелието: ја допре, ги стави Своите раце врз неа,“ ги допирал лепрозните и грешниците.
Добриот пастир – продолжи Папата – не вели: Добар е тој… Јас сум му во близина со Духот. Тој го прави тоа што го направил Бог Отецот, се приближува од сочувство, од милосрдие, во телото на својот Син. Големиот пастир, Отецот нѐ научи како да бидеме добри пастири: се понизи, беше испразнет, се направи слуга.
Но, тие другите, кои го следат патот на клерикализмот, кому тие му се приближуваат? – праша Папата и рече: Тие секогаш одат по оние кои се на власт или кои имаат пари. Тие се лоши пастири. Тие само мислат како да дојдат на власт, да бидат пријатели со оние кои се на власт, подготвени се да преговараат за сѐ и размислуваат само за својот џеб. Тие се лицемери, подготвени на сѐ. На тие луѓе не им е важен народот. А кога Исус ги нарекол лицемери, тогаш се навредиле и одговориле: „не, ние не сме такви, ние го следиме законот.“
Кога Божјиот народ гледа дека лошите пастири се укорени, тогаш е задоволен – потсети папата Фрањо и додаде: тТоа е грев, но толку трпеле, што помалку „уживале“ во тоа. А добриот пастир е Исус кој гледа, повикува, зборува, допира и оздравува. Тој е Отец кој во својот Син, од сочувство се овоплоти – истакна Папата
Милост е за Божјиот народ – рече Светиот Отец – да има добри пастири, пастири како Исус кој не се срамат да ги допираат раните, кои знаат дека преку тоа, не само тие, туку и сите ние ќе бидеме судени: бев гладен, бев во затвор, бев болен… Критериумите за конечниот суд се критериумите за близината, критериумите за целосна близина, да се допре, да се дели реалноста со народот Божји. Да не го заборавиме тоа – заклучи Папата. Добриот пастир настојува секогаш да биде во близина на луѓето, секогаш, како што Бог нашиот Отец дојде кај нас, преку Исус Кој се овоплоти.
РВ/к.мк