На 7 октомври 2016 година папата Фрањо се обрати до претставниците на Монашката заедница на Облати на Марија Безгрешна кои се собраа на Генерален капитул.
Освен тоа тие оваа година одбележуваат и 200 годишнина од основањето на својата Конгрегација, што според зборовите на Папата се вклопува во Јубилејната година. Го пренесуваме говорот на Папата во целост…
* * * * *
Драги браќа,
Со посебна радост ве примам, вие кои преставувате монашко мисионерско семејство посветено на евангелизацијата во Црквата, ви посакувам ви добродојде. Сите срдечно ве поздравувам започнувајќи од неодамна избраниот чесен отец генерал и неговиот нов совет. Собрани сме овде заради Генералниот капитул во годината во која ја одбележувате и 200-тата годишнина од своето основање, преку делувањето на блажениот Евгенио де Маценод, млад свештеник желен да одговори на повикот на Духот. Од почетокот на вашата историја вашата заедница настојува повторно да ја запали верата која француската револуција настојувала да ја загуши во срцата на сиромашните во селата на Прованса отстранувајќи многу службеници на Црквата. Во само неколку децении се проширала на пет континенти продолжувајќи го одењето кое го започнал основоположникот, човек кој Исус го сакал ревносно, а Црквата безусловно.
Денес сте повикани да ја обновите оваа двојна љубов сеќавајќи се на 200 години од постоењето на својата заедница. Овој ваш јубилеј среќно и со провидност се одвива во Јубилејот на милосрдието. И навистина Монашката заедница на Облати на Марија Безгрешна е создадена од искуството на милосрдието кое младиот Еувгенио го доживеал на еден Велики Петок пред распнатиот Исус. Нека милосрдието секогаш биде во срцето на вашето послание, на вашите евангелски настојувања во денешниот свет. На денот на канонизацијата на отец де Маценод свети Иван Павле II го нарекол „човек на Исчекување,“ послушен на Светиот Дух во читањето на знаците на времето и во помагањето на Божјите дела во историјата на Црквата.
Нека овие карактеристики бидат присутни во вас неговите синови. Бидете и вие „луѓе на Исчекување“, способни да ги препознаете знаците на новите времиња и да ги водите браќата по патиштата кои Бог ги отвора во Црквата и во светот.
Црквата заедно со целиот свет поминува низ време на големи промени на различни подрачја. Потребни и се луѓе кои во срцето носат иста љубов кон Исус Христос, која живеела во срцето на младиот Евгенио де Маценода, како и безусловна љубов кон Црквата која настојува да биде се поотворен дом. Важно е да се работи за Црквата која е за сите, подготвена да прегрне и да плати! Работата која треба да ја изврши за сето тоа да се постигне е голема; но и вие треба да го понудите својот спрецифичен придонес.
Вашата мисионерска историја е приказна за многу посветени луѓе кои го понудиле и жртвувале својот живот за мисиите, за сиромашните, за да допрат до најодалечените земји каде што сè уште постојат „овци без пастир.“ Денес секоја земја е „мисионерско подрачје;“ секоја човечка димензија е подрачје за мисија која го чека да се навести Евангелието. Папата Пио XI ве нарече „стручњаци за тешки мисии.“ Денешното мисионерско подрачје изгледа секојдневно се проширува, прифаќајќи ги секогаш новите сиромашни, луѓе со лицето на Христос кои бараат помош, утеха, надеж од најочајните ситуации во живтот. Затоа вие сте потребни, вашата мисионерска храброст, расположивоста на сите да се пренесе Радосната вест која ослободува и утешува.
Нека радоста на Евангелието првенствено блеска на вашето лице; нека ве направи радосни сведоци. Следејќи го примерот на својот основоположник, нека меѓусебната љубов ви биде првото животно правило; претпоставка за сите апостолски потфати; и ревноста за спасение на душите нека биде природна последици и братската љубов.
Во текот на овие работни денови на капитулот го проширивте хоризонтот и срцето за светските димензии. Тоа братско искуство на молитвата, соочувањето и расудувањето нека биде поттик за нов мисионерски полет, појдовна точка за нови хоризонти, за запознавање на нови сиромашни за да ги поведете со себе на средба со Христос Откупителот. Неопходно е да барате соодветни одговори, евангелски и храбри на прашањата на луѓето на нашето време. За тоа на минатото треба да гледате со благодарност: да ја живеете сегашноста со воодушевување, а иднината да ја прифатите со надеж не дозволувајќи тешкотиите на кои наидувате во своето послание да ве обесхрабрат, туку да бидете верни на својот верски и мисионерски повик.
Додека вашето монашко семејство влегува во третиот век од своето постоење, Господ ви дава да пишувате нови плодни евангелски страници како и оние кои ги испишале вашите браќа во последните двесте години кои ја сведочеле понекогаш и со крв големата љубов кон Христос и Црквата. Вие сте Облати на Марија Безгрешна. Тоа име свети Евгенио го нарекол „пасош за Небото,“ и нека биде за вас постојано настојување во мисиите. Нека Пресвета Богородица ги поддржи вашите чекори осебно во моментите на искушение. Ве молам да се молите исто така и за мене. Секогаш нека ве следи на вашиот пат мојот благослов кој од срце ви го поделувам на вас и на целата ваша конгрегација.
РВ/к.мк