Папата: Да работиме заедно и да вложиме максимални напори за образованието на младите во Африка

Папата: Да работиме заедно и да вложиме максимални напори за образованието на младите во Африка

Примајќи ги промоторите на Африканскиот образовен пакт во аудиенција на 1 јуни 2023 година, папата Фрањо ја охрабри соработката со локалните власти со цел повисоки образовни квалификации, заедно со добра обука на наставниците и создавање услови за достоинствено извршување на нивната професија.

За образвование на дете потребно е цело село – поаѓајќи од оваа стара африканска мудрост, папата Фрањо ја пофали заедничката работа на бискупите, свештениците, научниците и експертите од различни африкански земји кои го постигнаа Африканскиот пакт за образование, локална форма на Глобалниот пакт за образование што го иницираше во 2019 година папата Фрањо со цел да се спротивстави на образовната криза која ги карактеризира новите генерации ширум светот.

Светиот Отец во Ватикан прими делегација на Меѓународната фондација за религии и општества, промотори на иницијативата која е резултат на меѓународниот симпозиум што се одржа под покровителство на Конгоанската бискупска конференција во ноември во Киншаса, а кој беше организиран од споменатата фондација и Конгоанскиот католички универзитет.

Образовниот пакт станува локална реалност

Честитајќи им на присутните што први постигнале континентален образовен пакт, Римскиот бискуп истакна дека покажале дека добро разбираат што сака да се постигне со таа иницијатива, односно дека Глобалниот образовен пакт ќе стане локална реалност, резултат на размислувањата спроведени од сопствениот контекст и сопственото културно богатство и да бидат внимателни кон образовните потреби на територијата.

Образовен сојуз

Спомнувајќи ја илјадагодишната образовна традиција на Африка, Папата уште еднаш ја истакна важноста на образовниот сојуз, кој теоретски го потпишуваат сите фактори во општеството и културата, односно селото за кое говори споменатата африканска мудрост. „Следењето на секое дете не е единствена одговорност на таткото и мајката, туку на сите членови на заедницата. Затоа секој е должен да го поддржи образованието, кое секогаш е заеднички процес“.

Секогаш нешто ново од Африка

На крајот, осврнувајќи се на цитатот на Плиниј Постариот: „Ex Africa semper aliquid novi“ (Надвор од Африка секогаш се појавува нешто ново), Папата истакна дека Африканскиот пакт за образование ги потврдува тие зборови. Пактот е, имено, новина која се развива од два големи корени: традиционалната култура и христијанската вера. И како што вели друга африканска поговорка, „кога корените се длабоки, нема причина да се плашиме од ветрот“ – истакна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот