Папата Фрањо во денешниот пладневен наговор пред молитвата Ангел Господов го коментираше евангелскиот дел во кој Исус предупредува „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“
Светиот Отец после молитвата Ангел Господов повика на молитва за населението во индиската сојузна држава Керала која е погодена од тешки поплави.
Важно е да се оди на света Литургија и да се причестуваме затоа што да се прими причест значи да се прими живиот Христос кој нѐ пробразува одвнатре и нѐ подготвува за небото – истакна папата Фрањо за време на пладневниот наговор кој го одржа на 19 август 2018 година, во Ватикан коментирајќи го евангелскиот дел за 20. недела од литургиската година. Светиот Отец напомена дека Исус во денешното Евангелие се претставува како живиот леб кој слезе од небото, додавајќи: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“ (Ив 6, 51)
Папата рече дека тој дел е одлучувачки и дека предизвикува реакција кај слушателите: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?“ (ред 52). Кога знакот на прекршениот леб ќе доведе до неговото вистинско значење, односно до себедарувањето сѐ до жртва, се создава недоразбирање, дури и отфрлање на Оној кој малку порано сакале да го носат во триумф – рече Светиот Отец и додаде: Да се потсетиме дека Исус морал да се сокрие затоа што не сакал да го направат цар.
„Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“
Папата Фрањо потоа упати на Исусовите зборови до неговите слушатели: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“ (ред 53) Светиот Отец објасни дека зборовите „тело“ и „крв“ во библискиот јазик изразуваат конкретно човештво. Луѓето и самите ученици сфаќаат деа Исус ги повикува да влезат во заедништво со Него, да го „јадат“, неговото човештво, за со Него да го делат дарот на животот за светот. Тоа е нешто сосема поинакво од трумфот и илузијата на успехот – рече Папата.
Тој леб на животот, светата Тајна на Телото и Крвта Христови ни се дарува бесплатно на евхаристиската трпеза – рече папата Фрањо и продолжи: Евхаристијата нѐ обликува така што повеќе да не живееме само за себе, туку за Господ и за нашите браќа и сестри. Радоста и вечноста на животот зависат од нашата способност евангелската љубов која ја примаме во Евхаристијата да ја направиме плодоносна.
Исус денес на секој од нас поединечно ни повторува: „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“ (ред 53) – рече Светиот Отец. Не станува овде збор за материјална храна, туку за живиот леб кој дава живот, кој го соопштува самиот Божји живот. Кога одиме на причест, го примаме самиот Божји живот. За да го имаме тој живот треба да се храниме со Евангелието и со љубовта кон нашите браќа и сестри – истакна папата Фрањо.
Причеста ни помага целосно да се усогласиме со Христос
Соочени со Исусовиот повик да се храниме со неговото Тело и со неговата Крв, би можеле да ја почувствуваме потребата како Исусови слушатели од денешното евангелие да се расправаме и да се спротивставуваме – рече Папата и продолжи: Тоа се случува кога тешко ни паѓа да го усогласиме своето постоење со Исусовото постоење, да делуваме во согласност со неговите критериуми, а не со оние на светот. Јадејќи го тоа Тело можеме во целост да се усогласиме со Христос, со Неговите чувства и однесувањето – заврши Светиот Отец.
Молитва за жителите на Карала
Папата Фрањо после молитвата Ангел Господов го спомна населението во индиската сојузна држава Карала која во последните неколку денови е погодена од големи поплави кои локалните власти ги нарекоа најлоши во последните 100 години. Во поплавите настрадаа најмалку 200 луѓе, голем број луѓе се раселени, а материјална штета е голема. Нека на тие наши браќа и сестри не им недостасува нашата солидарност како и конкретната помош од меѓународната заедница – рече Светиот Отец изразувајќи ја својата близина на Црквата во Керала која се наоѓа на првата линија за да му помогне на населението. Да се молиме заедно за оние кои ги загубија животите и за сите оние кои се погодени од таа голема катастрофа – рече Папата и на крајот ја поздрави групата Украинци, поттикнувајќи ги да бидат работници за мирот и помирувањето.
Ватикан њуз/к.мк