Папата во Асизи: Потребна ни е нова економија која го слуша крикот на сиромашните и на земјата

Папата во Асизи: Потребна ни е нова економија која го слуша крикот на сиромашните и на земјата

Способноста да се преиспита сегашниот модел на развој: Папата Фрањо не очекува ништо помалку од младите економисти, претприемачи и носители на позитивни промени кои се собраа во Асизи од повеќе од 100 земји на првата средба во живо на „Економијата на Фрањо“. Сегашната светска ситуација бара нови економски парадигми кои се фокусираат на сиромашните, животната средина и работата. Вашите идеали и вредности мора да бидат конкретни и „овоплотени“, препора папата Фрањо на средбата со младите.

Денешната средба меѓу папата Фрањи и младите е долго очекувана. Имено, поминаа три години откако Светиот Отец испрати писмо до младите економисти и претприемачи во кое ги покани да учествуваат во проектот „Економијата на Фрањо“, поточно тоа беше на 1 мај 2019 година.

Сега многу млади експерти, од сите континенти, се собраа со иста цел, давајќи живот на заедницата што прави „големи работи“, како што рече Папата.

„Кога еден млад човек ќе го препознае истиот повик кај друг млад човек, а тоа искуство се повторува со стотици, па и илјадници други млади луѓе, тогаш големите работи стануваат можни, дури и надежта за промена на огромен и сложен систем како што е светската економија. Вие младите, со Божја помош знаете што да правите, можете да го направите тоа; младите го правеле ова и порано во историјата“.

Економија на мирот и пријателска кон земјата

Папата призна дека новите генерации денес живеат во тешки времиња среде еколошки кризи, пандемии, војни, а ние возрасните, рече тој, „не бевме во можност да ја заштитиме планетата и не го чуваме мирот“.

„Повикани сте да станете занаетчии и градители на заеднички дом, тоа е заеднички дом кој „пропаѓа“. Ние го кажуваме тоа и тоа е вистина. Новата економија, вдахновена од Фрањо Аисшки, денес може и мора да биде пријателска економија кон земјата и економија на мирот“.

Пророштво и младите

Таквата економија може да ја носи вредноста на пророштвото, а Папата истакна дека целиот „живот на Фрањо Асишки, по неговото преобраќање, бил пророштво“. Во Библијата, рече Папата, пророштвото е многу поврзано со младите: Самоил, Еремија, Езекиел, Даниел. Во Светото Писмо младите се „носители на духот на науката и интелигенцијата“.

„Имено, кога на граѓанското општество и на економијата им недостигаат вештините на младите луѓе, целото општество венее, сечиј живот згаснува. Има недостиг на креативност, недостаток на оптимизам, недостаток на ентузијазам, недостаток на храброст да се ризикува. Општеството и економијата без млади се тажни, песимисти, цинични (…). Но, фала му на Бога што сте тука: не само што ќе бидете овде утре, туку вие сте тука и денес; вие не сте само „сè уште не“;вие сте „веќе“, вие сте сегашност“.

Ја ограбивме земјата, неопходна е промена на правецот

Папата Фрањо очекува младите да ја напуштат економската парадигма од 1900-тите, водени од „новата визија за животната средина и земјата“. Сегашната ситуација, забележува тој, итно го бара тоа. Тој потсети и дека „Економијата на Фрањо“ беше посветена на прашањето за економијата на растителниот свет минатата година. „Видовте дека парадигмата на растенијата содржи поинаков пристап кон земјата и животната средина. Растенијата соработуваат со целата своја околина, па дури и кога се натпреваруваат, тие всушност соработуваат во корист на екосистемот. Учиме од кроткоста на растенијата: нивната понизност и тишина можат да ни понудат поинаков пристап, што ни е многу потребен“.

„Библијата е полна со дрвја и растенија, од дрвото на животот до семето синапово. А свети Фрањо ни помага со своето универзално братство со сите живи суштества. Ние луѓето, во последните два века, пораснавме на сметка на земјата. Таа беше што ја плати сметката. Честопати ја ограбувавме за да си ја зголемиме сопствената благосостојба, но не и сечија. Ова е време за нова храброст во напуштањето на фосилните извори на енергија, со цел да се забрза развојот на изворите со нулта или позитивни ефекти“.

Нееднаквоста го загадува и светот

„Потребна ни е брза и одлучна промена. Ова сериозно го мислам: сметам на вас!“, нагласи папата Фрањо, предупредувајќи дека понекогаш е потребно херојство, како во случајот на едн млад човек кој се откажал од работата што ја нашол затоа што била фабрика за оружје.

Папата потоа потсети дека еколошката одржливост е испреплетена со социјалната, односно духовната одржливост. Ги повтори и зборовите од енцикликата Лаудато си’, односно дека плачот на земјата и оној на сиромашните се еден ист крик.

„Не сите еколошки решенија имаат ист ефект врз најсиромашните, затоа треба да се даде приоритет на оние кои ја намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста. Додека се обидуваме да ја спасиме планетата, не можеме да ги игнорираме мажите и жените кои страдаат. Загадувањето што убива не е само јаглерод диоксид, туку и нееднаквоста смртно ја загадува нашата планета“.

Постои глад за среќа

Важно е и прашањето за меѓучовечките односи, кои особено на Запад стануваат сè полоши – има се повеќе разделени заедници и семејства. „Осаменоста е голема работа во наше време“, нагласи Папата, предупредувајќи дека консумеризмот има тенденција да се полни со своите добра и има тенденција да ја избрише духовната димензија својствена за човечкото битие. Сепак, без духовното наследство акумулирано низ вековите од религиите, мудрите традиции, народната побожност, луѓето, особено младите, страдаат од недостаток на смисла:

„Соочени со болката и неизвесноста на животот, често откриваат дека на нивната душа ѝ недостигаат духовни ресурси неопходни за да се справи со страдањето, фрустрацијата, разочарувањето и тагата. Кршливоста на многу млади доаѓа од недостатокот на тој скапоцен духовен капитал – невидлив, но пореален капитал од финансиски или технолошки капитал. Мораме итно да го обновиме ова суштинско духовно наследство. Технологијата може да направи многу: нè учи „што“ и „како“: но не ни кажува „зошто“; и така нашето делување станува стерилна и не носи исполнување во живот, дури ни во економскиот живот“.

Сиромашните се протагонисти на промените

Папата Фрањо потсети на вдахновението на „Економијата на Фрањо“: изборот на сиромаштво и сиромашните, кои ги одбра светецот од Асизи. Почнувајќи од сиромашните, треба да се погледне економијата и светот, рече Светиот Отец.

Но, не е доволно да се „работи за или со сиромашните“, важно е да може „да се отвораат нови патишта за самите сиромашни да станат протагонисти на промените“. Свети Фрањо, истакна Папата, ги сакал сиромашните и не го презирал нивното сиромаштво.

„Нашиот капитализам, пак, сака да им помогне на сиромашните, но не ги цени, не го разбира парадоксалното блаженство: „Блажени се сиромашните“. Не смееме да ја сакаме бедата, напротив, мора да се бориме против неа, пред се со отворање работни места, вредна работа. Но, Евангелието ни кажува дека без вреднување на сиромашните не може да се бориме против сиромаштијата. Тука треба да почнеме, дури и вие претприемачи и економисти: да ги одомаќиниме овие евангелски парадокси на Фрањо“.

Три упатства од папата Фрањо

Затоа, има три упатства кои Светиот Отец сака да им ги остави на младите пред себе. Пред сè, тоа е „гледање на светот низ очите на најсиромашните“, земајќи ја „перспективата на жртвите и отфрлените“.

„Но, за да ги имате очите на сиромашните и жртвите, треба да ги познавате, треба да бидете нивни пријатели. И верувајте ми, ако се дружите со сиромашните, ако го делите нивниот живот, ќе споделите и нешто од Царството Божјо, бидејќи Исус вели дека нивно е Царството небесно и затоа тие се благословени. И повторувам: вашите секојдневни избори да не создаваат отпад“.

Идеалите мора да се остварат

Второто упатство е да не заборавиме да „создаваме работни места, добри работни места“ и да не ги заборавиме работниците. Третото упатство е остварување. Идеалите, желбите и вредностите мора да се преточат во конкретни постапки, покрај срцето и главата, потребно е да се користат и рацете.

„Идеите се потребни, многу се привлечни, особено како млади, но можат да се претворат во замки ако не се „остварат“, тоа е конкретност, секојдневен ангажман. Самите идеи заболуваат. (…) Црквата отсекогаш го отфрлала гностичкото искушение, кое мисли дека може да го промени светот само преку поинакво спознавање, без да се замори телото“.

Молитва на Папата: благослови ги во нивните напори

Папата го заврши својот говор до младите економисти и претприемачи со кои се сретна денеска во Асизи со молитва во која го повикува Божјиот благослов за нив и нивните проекти.

(слободен превод)

Оче, те молиме за простување затоа што сериозно ја ранивме земјата, што не ги почитувавме домородните култури, што не ги ценевме и не ги сакавме најсиромашните, што создававме богатства без заедништво. Боже, Кој со Твојот Дух ги вдахна срцата, рацете и умовите на овие млади луѓе и ги испрати во ветената земја, погледни со великодушност на нивната дарежливост, нивната љубов, нивната желба да го потрошат својот живот за големиот идеал. Благослови ги во нивните напори, во нивните студии, во нивните соништа; придружувај ги во тешкотии и страдања, помогни им да се преобразат со крепост и мудрост. Поддржи ги нивните желби за добро и живот, поддржи ги во нивните разочарувања пред лошите примери, не дозволувај да се обесхрабрат и ддозволи им да продолжат по својот пат. Ти, чиј Единороден Син стана столар, дај им ја радоста да го преобразуваат светот со нивната љубов, генијалност и раце. Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот