Папата: Да престанеме со озборување

Папата: Да престанеме со озборување

На Генералната аудиенција која се одржа на 6 јуни 2018 година, Светиот Отец продолжи со серијата катехези за светата Тајна Миропомазание, предупредувајќи дека озборувањето го уништува Божјото дело, поттикнувајќи да се престане со озборување.

Даровите на Светиот Дух донесуваат мир, додека озборувањето ја уништува хармонијата. Христијаните се повикани да примаат за да даруваат, а не за да задржат за себе како душата да е „складиште“ – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција, на 6 јуни 2018 година, на плоштадот Свети Петар, во Ватикан. Продолжувајќи со серијата катехези за светата Тајна Миропомазание, Светиот Отец напомена дека Бог ни дава дарови за да им ги даваме на другите. Во тоа се состои христијанскиот живот – рече Папата и продолжи: Ние сме во центарот на вниманието: ние сме оружјето на тој дар за другите. Она што Бог ни го дарувал не смееме да го закопаме како слугата од параболата за талантите.

Сите ние сме Црква

Потсетувајќи дека светата Тајна Миропомазание нѐ приопјува на општата Црква, папата Фрањо рече дека Црквата треба да ја сфатиме како жив организам, составен од луѓе кои ги познаваме и со кои одиме, а не како апстрактна и далечна реалност.

Некои мислат дека во Црквата постојат господари: епископите, Папата, свештениците, а потоа овде се и работниците, тие се други. Не – предупреди Светиот Отец – Црква тоа сме сите ние. Сите! И сите имаме одговорност да се грижиме за другите, посветувајќи се едни на други. Секој ја има својата должност во Црквата, но сите ние сме Црква. Ние сме Црква кои одиме, Црква сме ние кои денес сме на овој плоштад. Ние: тоа е Црква.

Папата потоа потсети дека на чело на партикуларните Цркви е епископот кој е наследник на апостол. Во латинскиот обред епископот е редовен делител на Миропомазанието, што јасно означува дека „ефектот на светата Тајна врз оние кои ја примаат е тесно соединет со Црквата, со нејзините апостолски извори и со посланието да сведочи за Христос“ (ККЦ 1313).

Епископот на секој миропомазаник му говори: „Мир со тебе“, повторувајќи ги така Исусовите зборови до апостолите. Во светата Тајна Миропомазание, го примаме Светиот Дух и мирот кој треба да го делиме со другите – објасни папата Фрањо упатувајќи потоа на врската помеѓу знакот на мирот и меѓусебниот однос.

Озборувањето го уништува делото на Светиот Дух

Знакот на мирот означува хармонија, љубов меѓу нас, мир. Но што се случува потоа? Излегуваме (од Црквата) и започнуваме лошо да зборуваме за другите, да им ја дереме кожата. Започнуваме да озборуваме – рече Папата и продолжи: Озборувањето е војна. Тоа не може така! Ако со силата на Светиот Дух сме го примиле знакот на мирот, треба да бидеме мажи и жени на мирот, а не со јазикот да го уништуваме мирот кој го создаде Духот – рече Светиот Отец предупредувајќи дека озборувањето не доаѓа од Светиот Дух, дека не е дело на единството на црквата, туку го уништува тоа што Бог го прави. Ве молам да престанеме со озборување – повика папата Фрањо.

Нека Светиот Дух ни даде „апостолска храброст“ за да го навестуваме Евангелието, со дела и зборови, на оние со кои се среќаваме на нашиот пат. Со дела и зборови, но со добри зборови кои изградуваат, а не со зборови на озборување кои уништуваат. Ве молам, кога ќе излезете од црквата мислете на тоа дека мирот сте го примиле за да го давате на другите, а не за да го уништити со озборување – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот