Папата: Да не се изгуби довербата во демократијата, правдата и мирот во Мозамбик

Папата: Да не се изгуби довербата во демократијата, правдата и мирот во Мозамбик

По пладневната молитва Ангел Господов во недела на 10 ноември, Папата изрази загриженост поради постизборните немири во Мозамбик, во кои досега животот го загубија најмалку триесет лица. Повторно апелираше за мир во Украина, Палестина, Израел, Либан, Мјанмар, Судан и ја спомена беатификацијата, што се одржа во сабота во Севиља, на Хозе Торес Падила, ко-основач на Конгрегацијата на сестрите Друштво на Крстот.

Да молиме за целото население на Мозамбик, сегашната ситуација да не предизвика губење на довербата на патот на демократијата, правдата и мирот.

Тоа беше охрабрувањето на папата Фрањо, кое го даде по пладневната молитва Ангел Господов. Светиот Отец рече дека вестите кои доаѓаат од таа земја во Југоисточна Африка се загрижувачки и ги поттикна сите на дијалог, толеранција и неуморна потрага по праведни решенија. Последната вест е за најмалку 30 лица кои ги загубија животите од почетокот на протестите поради измама направена за време на изборите одржани на 9 октомври.

Молитва за мир

Римскиот бискуп, освен тоа, уште еднаш ги охрабри сите верници да молат за напатената Украина, каде што беа погодени и болници и други цивилни згради, како и за Палестина, Израел, Либан, Мјанмар и Судан. Да молиме за мир во целиот свет – додаде Папата.

Нов блаженик

Папата Фрањо ја спомена и беатификацијата на Дон Хозе  Торес Падиља, која се одржа во сабота 9 ноември, во катедралата во Севиља. За овој ко-основач на Конгрегацијата на сестрите Друштво на Крстот, Папата рече дека се истакнува како свештеник, исповедник и духовник и како сведок на големо милосрдие кон сиромашните. Неговото наследство пред се нека ги поддржува свештениците во нивната служба – посака Папата и ги поттикна присутните верници на плоштадот Свети Петар да упатат аплауз за овој нов благаженик.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот