Да молиме за луѓето кои во ова време на пандемија тргуваат со оние во потреба, ги искористуваат потребите на другите и ги продаваат. Да молиме за мафијашите, лихварите и многу други. Господ нека го допре нивното срце и нека ги преобрати – рече папата Фрањо на 8 април 2020 година за време на светата Литургија во домот „Света Марта“.
Коментирајќи го Евангелието од Литургијата кое зборува за предавството на Јуда, Папата рече дека и денес постојат Јуди, односно луѓе кои издаваат, па и најмилите, продавајќи ги за своја корист. И денес постојат оние кои сакаат да служат на Бог и парите, кои на прикриен начин ги искористуваат, наизглед беспрекорни, но тргуваат со луѓето и ги продаваат ближните. Јуда ги оставил учениците, бил наврзан на парите. Кој премногу ,ги сакаа парите, издава. Но него го издаде ѓаволот кој лошо плаќа и го остава човекот во разочарување. Јуда завршува обесувајќи се.
Кога мислиме на продажба на луѓе, на памет ни доаѓа трговијата со африканските робови кои ги воделе во Америка, потоа продажбата на језидските девојки во Исламската држава – рече Светиот Отец и истакна: И денес се продаваат луѓе. Постојат Јуди кои ги продаваат браќата и сестите искористувајќи го на работа, не плаќајќи праведно и не признавајќи ги своите обврски. Секако, често пати ги продаваат најскапоцените работи. За да живее човек поудобно, своите родители ги става на сигурно во дом за стари лица и не оди да ги посети. Постои поговорка која вели: „Тој е способен да ја продаде и сопствената мајка.“ Навистина, ја продаваат, потоа се мирни, далеку од нив, препуштаат други да се грижат за нив.
Трговијата со луѓе ја има и денес, како и во старите времиња – рече папата Фрањо и цитира: „Не може да се служи на двајца господари, на Бог и на мамона.“ Секој од нас мора да избере; ќе служам на Бог и ќе бидам слободен во молитвата и служењето или ќе служам на парите и ќе бидам нивен роб. Меѓутоа, многу луѓе сакаат да служат на Бог и на парите. Тоа се луѓе кои на прикриен начин искористуваат, изгледаат беспрекорно, но под маса тргуваат, па и со луѓе, не им е важно. Искористувањето на луѓето е продажба на ближниот.
Јуда отиде, но зад себе остави ученици кои не се негови, туку се ѓаволски ученици – рече Папата и додаде: Не знаеме каков бил Јуда, можеби нормален, можеби вознемирен. Господ го повикал да биде ученик. Никогаш не успеал во тоа. Немал ниту уста, ниту срце за ученик. Слабо учел, но Исус го љубел. Ги сакал парите. Кога Марија ги помазала нозете Исусови со скапоцено миро, приговорил, не затоа што ги сакал сиромашните, туку затоа што бил крадец. Љубовта кон парите го однела надвор од правилата за кражба, а од кражбата до предавството е тенка линијата.
Кој премногу ги сака парите, секогаш издава како би имал повеќе – рече Светиот Отец и потврди: Тоа е правило и факт. Можеби Јуда бил добро момче со добри намери, но завршил како предавник, кој отидел на пазар за да продаде; отишол кај првосвештениците да го продаде Исус. Според мое мислење, не бил при себе. Исус никогаш му нема кажано ’предавник’, туку зборувал дека ќе биде предаден. Никогаш не му кажал ‘бегај од мене предавнику’. Напротив, му кажал ‘пријателу’ и го целивал. Ѓаволот кој влегол во Јуда, го завел на предавство. Но ѓаволот не е сигурен плаќач. Покажува и ветува сè, а на крај го остава човекот сам во таков очај, што го принудува да си го одземе животот.
Срцето на Јуда било немирно, измачувано од алчноста и вознемирено од Исусовата љубов, која не успеала да го освои. Во таква магла се враќа кај првосвештениците, барајќи простување и спасение, но тие му одговориле: „Што имаме ние со тоа? Тоа е твоја работа.“ Така зборува ѓаволот и остава во очај. Да мислиме на многу ‘големи’ Јуди од овој свет, кои ги искористуваат луѓето и на ‘малите’ Јуди кого сите ние го носиме во себе кога мораме да одбереме помеѓу верноста и користа. Секој од нас може да биде привлечен од љубовта кон парите, поседувањето и благосостојбата. Но секој од нас мора да се праша: „Мал Јуда, каде се наоѓаш во мене, каде си?“ – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк