Папата: Да го почнеме Великиот пост со „дарот на солзите“

Великиот пост е време во кое верникот се стреми потесно да се соедини со Исус, за да ја сподели тајната на Неговото страдање и Воскресение. Ова го посочи папата Фрањо во размислувањето за време на Литургијата на Пепелница служена во базиликата „Света Сабина“ во Рим.

Повикувајќи се на литургиското читање за Пепелница, во кои пророкот Јоил ги повикува сите на внатрешно обраќање, Папата се задржа посебно на молитвата на свештениците, која – како што советува пророкот – мора да биде придружувана од солзите: „Ќе биде од корист за сите, но посебно за нас свештениците, во почетокот на Великиот Пост да го измолиме дарот на солзите, за да бидат нашата молитва и обраќањето поавтентични и нелицемерни. Би било од корист да се запрашаме: Јас плачам ли? Папата плаче ли? Кардиналите плачат ли? Богопосветените и свештениците плачат ли? Дали плачот е дел од нашите молитви?“.

Папата Фрањо истакна дека „често лицемерството ги валка нашите милосрдни дела, како што се дарувањето, постот и молитвата“: „Лицемерите незнаат да се молат, заборавиле како се плаче, не го молат дарот на солзите. Кога се прави добро, речиси инстинктивно во нас се раѓа желбата да бидеме почитувани и да ни се восхитуваат за тоа добро дело, за да го задоволиме нашето его. Исус нѐ повикува да твориме добри дела без каква и да е тврдоглавост и да се надеваме само на отплатата од Отецот, кој го гледа „тајно“(сп. Матеј 6, 18).

Папата потсети дека „ние сме ограничени созданија, грешници, кои секогаш имаат потреба од покајание и преобраќање. Оваа е вистината на човечкото постоење“:„Важно е да го слушнеме и прифатиме повикот за преобраќање во ова наше време, кое ни помага да се вратиме како што направи блудниот син од параболата, во прегратката на Бог, нежниот и милосрден Отец, да плачеме во неговата прегратка и да Му се довериме“.

Папата Фрањо појасни дека враќањето кај Господ со сето свое срце значи „да тргнеме по патот на едно преобраќање што не е површно и привремено, туку духовно, што допира до најскриеното место на човечката личност“: „Срцето е место во кое се положени нашите чувства и е центар во кој зреат нашите одлуки и однесувања “.

„Господ не се изморува никогаш да биде милосрден кон нас и ни го нуди Неговото простување, повикувајќи нѐ да се вратиме кај Него со ново срце, прочистено од злото преку солзите, за да нѐ направи дел од Неговата радост. Бог не се двоумеше да го жртвува својот Единороден Син“, истакна Папата.

„Христос, кој беше праведен и без грев, на Крстот беше натоварен со нашите гревови и на тој начин нѐ откупи и ослободи пред Бог. Преку Него ние можеме да станеме праведни, преку Него можеме да се промениме, ако ја прифатиме благодатта Божја и не го пропуштиме овој погоден момент. Да застанеме за миг и да се помириме со Бог“.

Откако беше посипан со пепел од страна на кардиналот Јозеф Томко, потсетувајќи на библиските зборови „Сети се дека од пепел си направен и во пепел ќе се претвориш“, папата Фрањо ги посипа главите на присутните во базиликата меѓу кои беа некои кардинали, едно семејство со три деца, монаси бенедиктинци и доминиканци.

На крајот Папата ги повика присутните да го започнат четиридесетдневниот пост „исполнети со вера и радост и да се довериме на Марија нашата духовна обнова против гревот“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот