Папата: Да го молиме Бога за храброст и понизност за да му се поклониме на Бога на истиот олтар
Со празнична вечерна молитва на празникот Преобраќање на свети Павле, 25 јануари 2022 година, заврши 55. Молитвена осмина за единство на христијаните во римската базилика Свети Павле надвор од ѕидините, папата Фрањо ги охрабри верниците да ги прифатат упатства од мудреците за екуменскиот од. Како Савле, пред да се сретне со Христос, треба да појдеме по друг пат, да се промени правецот на нашите навики и удобности за да го пронајдеме патот што ни го покажува Господ.
Ходочастието на мудреците и современиот пат на екуменизмот се патишта кои се разделени со повеќе од две илјади години историја, но водени од истата ѕвезда: Исусовата светлина. На Вечерната молитва во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, папата Фрањо го посочи патот до целосното единство говорејќи за мудреците чие патување започнува на исток, бидејќи тие ја гледаа ѕвездата како доаѓа оттаму. Нивното патување потоа поминува низ Ерусалим, каде што го доживуваат отпорот на мрачните сили на светот и завршува во Витлеем, каде што паѓаат ничкум пред Детето и му се поклонуваат.
И ние да ја следиме Исусовата ѕезда
Во својата проповед за време на прославата на крајот на 55. Молитвена осмина за единство на христијаните Папата го спореди патот што го одеа мудреците со патот на екуменскиот дијалог, кој допрва треба да биде довршен. Притоа, тој поттикна да ја следиме светлината на евангелието за да ја прифатиме силната желба на Исус кој сака само да бидеме едно.
Браќа и сестри, да ја следиме Исусовата ѕвезда! – охрабри Папата. Да не дозволиме да нѐ попречува сјајот на светот, од светлечките ѕвезди, кои паѓаат. Да не ја следиме актуелната мода, метеорите кои се гасат; да не го следиме искушението блескаме со сопствената светлина, односно да се затвориме во нашата група и така да се пазиме. Погледот да ни биде вперен во небото, кон Исусовата ѕезда. Да го следиме него, неговото евангелие, неговиот повик за единство, не грижејќи се за тоа колку долго и тешко ќе биде патувањето за да се постигне полнина. Сакаме и одиме заедно, поддржувајќи се еден со друг, како мудреците.
Мудреците поаѓаат од исток
Потсетувајќи пред сè дека мудреците поаѓаат од исток, Папата истакна дека традицијата честопати ги прикажува во шаренолика облека, со што се претставени различните народи. Во нив можеме да го видиме сјајот на нашите различности, различните традиции и христијанските искуства, но и нашето единство кое произлегува од истата желба да погледнеме кон небото и заедно да одиме на земјата.
Исток, исто така, нè поттикнува да размислуваме за христијаните кои живеат во различни области опустошени од војна и насилство. Токму Советот на Црквите на Блискиот Исток го подготви материјалот за оваа молитвена осмина. Овие наши браќа и сестри треба да се соочат со многу тешки предизвици, но нивните сведоштва ни даваат надеж; нè потсетуваат дека Христовата ѕвезда свети во темнината и не заоѓа; дека Господ одозгора ги следи и ги поттикнува нашите чекори. Околу него, во рајот заедно, без разлика на вероисповедта, светат многубројни маченици; тие ни покажуваат, на нас кои сме на земјата, ни покажуваат точно одреден пат, патот до единство!
Вознемирениот Ерусалим
Тогаш мудреците, носејќи ја желбата за Бога во своите срца, пристигнаа во Ерусалим, велејќи: „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него. Во светиот град, мудреците, наместо да го видат сјајот на ѕвездата, го доживуваат отпорот на темните сили на светот. Не само што Ирод се чувствува загрозен од новоста за царското достоинство различно од она што е расипано од светската моќ, туку и цел Ерусалим е вознемирен од веста за мудреците – објасни Папата.
И на нашиот пат до единство, може да застанеме од истата причина што ги парализира овие луѓе: поради немири, страв. Тоа е стравот од новоста, кој ги потресува стекнатите навики и сигурност; тоа е стравот дека другите ќе ги дестабилизираат моите традиции и моите воспоставени планови. Но, во коренот е стравот што живее во човечкото срце, од кој воскреснатиот Господ сака да нѐ ослободи. Да дозволиме неговиот воскресен поттик да одекне на нашиот пат на заедништво: „Не плашете се“ (Матеј 28, 5;10). Да не се плашиме да го ставиме нашиот брат пред нашите стравови! Господ сака да си веруваме еден на друг и да одиме заедно, и покрај нашите слабости и гревови, и покрај грешките од минатото и меѓусебно нанесените рани.
Пристигнувањето во Витлеем
Во Ерусалим, токму таму каде што изгледаше дека патот е покажан од небото удираат во ѕидови подигнати од човекот, мудреците го откриле патот до Витлеем. Исус е пронајден не само благодарение на ѕвездата која во меѓувреме исчезнала. Имено, упатства даваат свештеници и книжници, истражувајќи го Светото Писмо – рече Папата и истакна: Потребно им е Словото Божјо. Во Витлеем тие се поклонуваат на Детето и така завршува нивното патување: заедно во иста куќа, во поклонување. А за нас целосното единство, во истиот дом, може да се постигне само со поклонување на Бог – рече Папата и додаде: Одлучувачкиот дел на патот кон целосното заедништво бара поинтензивна молитва и поклонување на Бог.
Господ во центарот
Мудреците нè потсетуваат дека за да се поклонат треба прво да се падне ничкум. Тоа е патот – рече Папата, нагласувајќи дека треба да се тргне настрана сопствените барања и во центарот да биде само Господ. Колку пати гордоста била вистинска пречка за заедништво! Мудреците имаа храброст да го остават угледот и престижот дома и да се понижат во сиромашната куќа во Витлеем; така „ тие се зарадуваа со многу голема радост“ (Матеј 2,10). Да се понижи, напушти, поедностави; Го молиме Бога вечерва за таа храброст, храброст на понизност, тоа е единствениот начин да дојдеме да му се поклониме на Бога во истата куќа, околу истиот олтар.
Дарови кои заеднички ги споделуваме
Во Витлеем, откако се поклонија, мудреците ги отворија своите ковчежиња и му принесоа подароци: злато, темјан и миро. Тоа нè потсетува дека, само откако ќе се молиме заедно, само пред Бог, во неговата светлина, навистина стануваме свесни за богатствата што ги поседува секој. Но, тоа е богатство кое припаѓа на сите, кое треба да се понуди и сподели со другите. Тоа се даровите што Духот ги наменува за општото добро – рече Папата.
Даровите на мудреците го симболизираат она што Господ сака да го прими од нас. На Бога треба да му се даде злато, најскапоцениот елемент; односно да му се даде првото место. Треба да гледаме во него, а не во себе; неговата волја, а не нашата; неговите патишта, а не нашите. Ако Господ навистина е на прво место, нашите избори, дури и црковните, веќе не можат да се засноваат на светската политика, туку на Божјите желби.
Потоа тука е и темјанот, кој нè потсетува на важноста на молитвата, која се вознесува кон Бога како пријатен мирис (сп. Пс. 140, 2). Да не се умориме да се молиме еден за друг и еден со друг. На крајот, мирото, кое ќе го помаза телото на Исус симнато од крстот (сп. Иван 19, 39), нè упатува да се грижиме за страдалното тело Господово, измачено во удовите на сиромашните – рече Папата и поттикна: Служете им на сиромашните, служете заедно на Исус кој страда!
Патот до полно единство, како и патот на мудреците, е да се следи Исусовата ѕвезда и да се оди по патот на понизноста, братството и поклонувањето. Дај ни, Господи храброст, да го промениме правецот, да се обратиме, да ја следиме твојата волја, а не нашите можности; заедно да одиме напред, кон Тебе кои со својот Дух сакаш да нѐ направиш само едно – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк