Папата во пладневниот наговор ги поттикна верниците да ја научат молитвата на жената Хананејка, за која зборува Евангелието за денешната Лтургија; таа е поганка која ја насетила добрината на Севишниот Бог.
Не постојат пречки за понизна и безусловна вера – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во неделата на 16 август на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на Евангелието за денешната Литургија која ја опишува средбата на Исус и жената Хананејка (Мт 15, 21-28). Исус бил на северот на Галилеја во туѓа земја, за заедно со своите ученици да биде малку подалеку од мноштвото кое се во поголем број го барало – рече Папата и потсети, тогаш една жена му се приближува и Го замолува да ѝ помогне на нејзината болна ќерка: „Помилуј ме, Господи!“
Тоа било крик кој бил создаден во живот обележан со стрaдање, од чувството на немоќ на мајката која гледале како злото ја мачи на ќерка ѝ – рече Светиот Отец и продолжи: Исус на почетокот не обрнувал внимание на неа, но таа мајка била упорна, истрајала и тогаш кога Учителот рекол дека е испратен само при загубените овци на домот Израилев. И понатаму Го молела, а Тој во тој момент ја искушувал цитирајќи ја изреката: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“ Жената веднаш одговорила: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“
Со тие зборови таа мајка покажала дека ја насетила добрината на Севишниот Бог, која е присутна во Исус, отворена за сите потреби на неговите созданија – рече папата Фрањо и истакна, таа мудрост, полна со доверба, го погодила срцето на Учителот и му извлекува зборови на восхит: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја! Која е таа голема вера? Голема вера е таа која го носи сопствениот живот, обележан со рани, пред Господовите нозе, молејќи Го да го оздрави и да му даде смисла.
Секој од нас има своја животна приказна која не е секогаш за изнесување надвор и не е секогаш чиста, туку често е тешка приказна, полна со страдање, неволји и гревови – рече Папата и продолжи, што да направам јас со својата приказна? Дали да ја сокријам? Не, мора да ја донесеме пред Господ. „Господи, ако сакаш можеш да ме оздравиш!“ Тоа е она што нè учи таа жена и добра мајка односно да имаме храброст сопствениот живот полн со страдањеда го донесеме пред Бог, Исус; да ја допреме Божјата Исусовата нежност.
Да се обидиме и ние да го искористиме искуството од таа животна приказна и молитвата; секој од нас нека мисли на својот живот – поттикна Светиот Отец и истакна: Во еден живот секогаш има лоши работи. Да одиме кај Исус, да тропнеме на неговото срце и да Му кажеме: „Господи, ако сакаш можеш да ме оздравиш!“ Тоа ќе можеме да го направиме, ако секогаш го имаме пред себе Исусовото лице, ако сфаќаме какво е Христовото срце; дека тоа е Срце кое сочувствува, Кое го носи на себе нашето страдање, гревовите, грешките и неуспесите. Но, тоа е срце кое нè љуби такви какви што сме, без разубавување.
„Господи, ако сакаш можеш да ме оздравиш!“ – ја повтори папата Фрањо таа молитва и напомена: Затоа е потребно да го разберете Исуса и да бидете блиски со Него. Секогаш се враќам на советот кој ви го давам: Секогаш носете со себе мало џебно Евангелие и секој ден прочитајте еден дел. Таму ќе го најдете Исуса, таков какво е Он, каков што се прикажува; ќе Го најдете Исуса Кој многу нè љуби и ни сака добро. Да ја запаметиме молитвата: „Господи, ако сакаш можеш да ме оздравиш!“ Таа е убава молитва.
Носете го Евангелието во торба, во џеб, на паметен телефон, за да можете да го читате. Нека на сите Господ ни помогне да ја молиме таа убава молитва која нè научи жената поганка, не христијанка, не Еврејка, туку токму поганка.
Нека Блажена Дева Марија нè застапува со својата молитва за да расте во секој крстен радоста на верата и желбата да се навестува со сведоштвото на доследен живот. Нека ни даде храброст да се приближиме до Исус и да му кажеме: „Господи, ако сакаш можеш да ме оздравиш!“ – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк