„Сите сме повикани да се обврзиме за да ги заштитиме малолетниците во дигиталниот свет“ – е пораката која папата Фрањо ја објави на својот на Твитер профил @Pontifex, на 9 јазици, на 6 февруари 2018 година.
Неговата порака посебно е значајна денес на 6 февруари, кога се одбележува 15. Безбеден Ден на интернет („Safer Internet Day“), кој го иницираше Европската Унија. И минатата година, по истиот повод, Папата по пат на твитер порака, упати апел да се направи сè со цел интернетот и за малолетниците да биде безбедно место богато со човечност, односно мрежа која не затвора, туку помага да се расте.
Секој ден 175.000 деца прв пат се поврзуваат на мрежа
Тој повик на Папата станува сѐ поитна потреба, бидејќи според податоците на УНИЦЕФ која таа институција ги објави денес, секој ден повеќе од 175.000 деца прв пат се поврзуваат на интернет, а од тројца корисници на интернет во целиот свет, едниот корисник е дете. Секој ден илјадници деца прв пат се поврзуваат „on line“ – стои во соопштението на УНИЦЕФ – и на тој начин се изложени на море од опасности кои само што започнуваме да ги запознаваме, но со кои сè уште не знаеме да се соочиме. Иако владите и приватниот сектор постигнаа голем напредок во политиката и во пристапот за да се отстранат наjголемите опасности „on line,“ потребно е поголемо ангажирање за разбирање и целосна заштита на децата кои се поврзуваат на интернет – е истакнато во соопштението на агенцијата на Обединетите нации за заштита на децата. Имено, потребно е да им се помогне на родителите во воспитувањето на младите за правилното користење на интернетот.
Папата Фрањо и повикот на здружување со цел побезбеден интернет
Токму за заштитата на децата „on line“ папата Фрањо зборуваше во својот говор на 6 октомври минатата година, обраќајќи им се учесниците на меѓународниот конгрес одржан на иницијатива на Папскиот универзитет Грегоријана, под наслов „Детското достоинство во дигиталниот свет.“ Во таа прилика, Папата ги поттикна сите составни делови на општеството да ја подигнат свеста за сериозноста на проблемот, да донесат соодветни закони, да го следат развојот на технологијата, да ги идентификуваат жртвите и да ги гонат криминалците и да им помогнат на погодените малолетници во нивното закрепнување.
Освен тоа, Папата побара на воспитувачите и семејствата да им се помогне во нивните обврски, да бидат креативни во воспитувањето на младите за исправното користење на интернетот. Сето тоа треба да се направи – предупреди Светиот Отец – совладувајќи го искушението дека не сака да се види „темната страна“ на web и да се потцени штетата која одредени дигитални реалности можат да ја направат кај малолетниците.
Интернетот треба да биде мрежа на луѓе, место на човечност
Уште во својата прва порака за Денот на средствата за социјална комуникација, во 2014 година, папата Фрањо ја претстави својата визија за интернетот како место на човечноста и вистинските односи. Потребно е да сакаме и да бидеме сакани. Потребна ни е нежноста – напиша Папата по тој повод. Ниту светот на медиумите не може да биде ненаклонет кон грижата за човечкиот род, и повикан е да ја изрази нежноста – истакна Папата во документот.
Дигиталнaта мрежа може да биде место богато со човечност; не мрежа од жици, туку од човечки битија – вели папата Фрањо и ја истакнува етичката димензија на присуството на мрежата. Неутралноста на медиумите е само привидна; само оној кој комуницира ставајќи се во игра самиот себе може да биде поддршка. Личното вклучување е коренот на довербата во некој комуникатор. Токму затоа христијанското сведоштво, благодарение на мрежата може да дојде до животните периферии – истакнува Папата во пораката за Денот на средствата за социјална комуникација за 2014 година.
РВ/к.мк