Нека секој од нас, заедно со Марија, се претвори во знак и таинство на Божјото милосрдие, кое простува секогаш сè“ – рече папата Фрањо на крајот од поздравот до стотиците илјади верници во Богородично светилиште во Фатима, пред да учествува во молењето на светата Бројаница на различни јазици.
Папата ги благослови свеќите и ја запали пасхалната свеќа, видлив знак на воскреснатиот Христос и ги поздрави поклониците, дојдени заедно со него да го слават 100 годишниот јубилеј од првата објава на Безгрешната Девица.
Во својот говор Папата ја истакна итната потреба од мисија, „преку револуционерна сила на нежност и љубов“. Со Христос и Марија ние пребиваме во Бог, рече Папата и ги цитираше зборовите на својот претходник Павле VI: „Ако сакаме да бидеме христијани, треба да бидеме поврзани со Марија, односно да ја признаеме животната и пророчка врска која ја поврзува Дева Марија со Исус, и која ни го отвора патот кон Него.“ Молењето на светата Бројаница ни помага да појдеме по патот на Евангелието и во нашиот живот да станеме „поклоници со Марија“, истакна Папата.
Но, која е Марија, запраша реторички Папата. „Духовна учителка, прва која го наследува Христос по тесниот пат до крстот, давајќи ни пример, или пак е недостижна и непогрешлива Господарка? „Блажена е таа која поверува, секогаш и во секоја околност на божествените зборови (Лука 1,42-45) или “светица на која се обраќаме за да добиеме полесно некаква придобивка?
„Секој пат кога гледаме кон Марија, ние веруваме во револуционерната сила на нежност – рече папа Фрањо. Во Неа гледаме смирение и нежност, кои не се доблести на слабите, туку на силните, не треба да се однесуваме кон другите лошо, за да се чувствуваме важни… “ „Оваа динамика на правдата и нежноста, на контемплацијата и пат кон другите, ја прави Марија црковен пример за следење. Нека секој од нас стане, заедно со Марија, знак и таинство на Божјото милосрдие што простува секогаш и сè “.
Папата го заврши својот поздрав со молитвата: „Со покровителство на Дева Марија и под нејзиниот поглед, можеме радосно да го пееме милосрдието на Господ. Да речеме: Мојата душа ликува за Тебе, Господи! Милосрдието на сите твои светци и на сите верни луѓе, да дојде и за мене. Поради гордоста на моето срце, живеев залутан во моите амбиции и интереси, без да се добие венец на славата, о, Господи. Единствената можност да се издигнам е следната: Твојата Мајка да ја земе мојата рака, да ме покрие со нејзината наметка и да ме стави во Твоето срце “.
На крајот на Бројаница, Папата помина со отворен автомобил меѓу верниците на плоштадот пред светилиштето. Потоа Државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин отслужи ноќна света Литургија во пресрет на 100 годишниот јубилеј од објавите на Дева Марија.
РВ/к.мк