Папата се сретна со членовите на Папскиот институт за надворешни мисии по повод 150-годишнината на списанието „Mondo e Missione“ при што зборуваше за географските и егзистенцијалните периферии и ја истакна неговата главна задача – да биде гласот на безгласните. Своите мисли посебно ги посвети на конфликтите за кои воопшто не се зборува, од Сирија до Јемен, од Мјанмар до африканскиот континент.
Во свет обележан, за жал со бројни рани и премногу конфликти што медиумите делумно или целосно ги игнорираат е причината што го поттикна создавањето на списанието како што е „Mondo e Missione“ (Свет и мисии), да се даде глас на оние кои немаат глас, да се сретнеме со другите, со убавината и богатството на разликите, како и со изопаченоста, неправдата и нееднаквоста во општествата и да им кажеме на сите дека е можен подобар свет, кога ќе му подадеме рака на секој брат и сестра – рече папата Фрањо, изразувајќи благодарност, надеж и охрабрување, во својот говор до членовите на Папскиот институт за надворешни мисии, кои ги прими по повод 150-годишнината од споменатото списание.
Потсетувајќи се на историјата на списанието, израз на општиот мисионерски живот, Папата ја истакна актуелноста и современоста на оваа иницијатива, која од самиот почеток ја изразува и промовира Црквата која излегува, а кога излегуваме остануваме млади; ако таму само седиш, ако не излезеш, многу брзо старееш – забележа Папата, а потоа спомнувајќи го првиот директор, отец Џакомо Скурати, ја посочи главната цел на списанието.
Ја сфатија вредноста на комуникацијата во мисиите, посебно за самата Црква, за да биде отворена и целосно ангажирана во евангелизацијата; потполно мисионерска, потполно евангелизациска. Пред 150 години овие пионери ја сфатија важноста од запознавање на земјите за кои се одредени, како и начинот на кој се среќаваа евангелието и локалните заедници во тие далечни земји – истакна Папата.
Послание на списанието „Mondo e Missione“
Тоа и денес е посланието на списанието „Mondo e Missione“ (Свет и мисии), така именувано во 1969 година, со цел да одговори на препораките од Вториот ватикански собор во врска со мисиите ad gentes. И денес, извештаите и директните сведоштва се најкарактеристичните обележја на списанието, благодарение на извештаите од места и ситуации за кои ретко кој зборува: за географските и егзистенцијалните периферии кои, во свет каде комуникацијата навидум ги скрати растојанија, сè уште остануваат потиснати на маргините. Вистина е дека растојанијата се скратија, но идеолошките граници се намножија – посочи римскиот бискуп.
Глас на безгласните
Потоа ја спомена агенцијата AsiaNews, која е исто така иницијатива на Папскиот институт за надворешни мисии, а потоа и сите други начини кои оваа институција ги употребува за да зборува за светот, застанувајќи на страната на оние кои немаат право да зборуваат или не се слушнаат, на страната на најсиромашните, угнетените малцинства, жртвите на заборавените војни и сите оние кои работат одоздола, тивко и упорно, да изградат свет проткаен со солидарност и помирување каде што има криза или насилство.
Ова е она што сакам да го истакнам: заборавените војни. Денеска сите сме загрижени, и добро е што е така, поради војната овде во Европа, пред вратата на Европа и во Европа, но војни има со години: повеќе од десет години во Сирија; потоа помислете на Јемен, Мјанмар, помислете на Африка. За нив не се мисли затоа што не се од културна Европа, културна Европа… Заборавените војни се грев, грев е да се заборават – рече Папата.
Мисијата е во центарот
Како мисионерско списание, Mondo e Missione има уште една специфична задача што го одбележува. Помага да се препознае дека мисијата е централната работа. Ги потсетува христијанските заедници дека ако гледаат само на себе, губејќи ја храброста да излезат и да го донесат Исусовото Слово до сите, на крајот изумираат. Да покажеме како евангелието, во средба со различни народи и култури, ни се дава повторно секој ден во својата новост и свежина. И воспоставува дијалог и пријателство и со оние кои исповедаат други вери, препознавајќи се себеси како деца на еден Отец. Затоа што реалноста подобро се гледа од периферијата.
Честопати им се случувало на мисионерите на периферијата да откријат дека Светиот Дух пристигнал таму пред нив; затоа, станува важно да се даде глас на црквите кои се млади и во развој, на заедниците – кои некогаш беа основани од Папскиот институт за надворешни мисии – кои денес изразуваат нова и ветувачка динамика, послушни на Духот – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк