Папата: Го читате ли Евангелието секој ден?

Папата: Го читате ли Евангелието секој ден?

Во видео пораката до учесниците на 2. национална средба на млади во Аргентина, папата Фрањо ги повика младите Аргентинци да го читаат Евангелието барем две минути дневно. Освен тоа Папата размислуваше за трите зборови: присуство, заедништво и послание.

Колку од вас го читаат Евангелието две минути, секој ден? – е прашање и потттик кој папата Фрањо го упати до младите Аргентинци. Светиот Отец испрати видео порака до учесниците на 2. национална средба на млади која се одржа во аргентинскиот град Росари од 25 до 27 мај. Притоа ги повика со себе да носат книга која го содржи Евангелието и да ја читаат кога се во автобус или дома. Тоа ќе ви го промени животот – истакна Папата – Зошто? Затоа што ќе го сретнете Исус. Го среќавате Словото.

Присуство

На посебен начин размислуваше за важноста на присуството, заедништвото и посланието во животот на младите луѓе. Размислувајќи за присуството, рече дека Исус е секогаш со нас. Исус стана наш брат и нѐ повикува да се овоплотуваме заедно градејќи го како негови ученици и мисионери овде и сега тој прекрасен идеал – цивилизација на љубовта – рече папата Фрањо напоменувајќи дека тоа може да се прави во ситуации кои ни ги нуди секојдневниот живот. Но, мораме да бидеме со Исус во молитвата, во Словото и во светите Тајни – рече Папата и продолжи: Да Му посветиме време. Да молчиме за да можеме да го слушнеме Неговиот глас.

Заедништво

Свртувајќи го потоа вниманието на зборот заедништво, Светиот Отец рече дека историјата ја создаваат народите, а не идеолозите. Народите се протагонисти на историјата. Ние сме заедница; ние сме Црква. И сакаш ли да градиш како христијанин, тогаш тоа треба да го правиш во народот Божји, во Црквата, како народ. Не во мала група одвоена од животот на народот Божјо – предупреди папата Фрањо.

Папата исто така ја спомна претстојната Епископска синода за младите која ќе се одржи во октомври оваа година напоменувајќи дека Црквата поминува низ посебно време. Ги повика младите Аргентинци сесрдно да учествуваат. Папата сака да ве сослуша – и продолжи: Папата сака да стапи во дијалог со вас и заедно со вас да пронајде нови патишта за средба за да ја обновиме својата вера и повторно да го оживееме своето евангелизациско послание.

Послание

Светиот Отец потоа зборуваше за општиот повик на послание. Повикани сме да бидеме мисионерска Црква – истакна папата Фрањо. Не затворена во своите пријатни начини на живот и погледи, туку Црква која излегува надвор за да се сретне со другите. Исус – продолжи Папата – нѐ повикува, испраќа и придружува додека се приближуваме до сите мажи и жени од нашето време.

Да градиме иднина заснована на корените

На крајот, Светиот Отец на младите им рече дека тие се иднината и дека треба да бидат цврста плодна иднина која има длабоки корени. Вратете се на своите корени и градете ја иднината од тие корени од каде извлекувате животна сила: не ја негирајте историјата на својата татковина, на своите семејства или на своите дедовци и баби – рече папата Фрањо и заврши: Барајте ги своите корени; пронајдете го своето минато. И започнувајќи од тоа, градете ја иднината.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот