Папата го прими италијанскиот претседател Матарела

Италија треба да црпи од своето христијанско наследство за да може да напредува и да се развива, истакна Светиот Отец во говорот пред италијанскиот претседател, Серџо Матарела, кој го прими во сабота 18 април во аудиенција.

По приватниот разговор со претседателот Матарела, Светиот Отец во протоколниот говор ги поттикна италијанските институции да го чујат „болниот крик“ на многу млади кои се без работа, а посака и следниот Меѓународен саем во Милано да стане прилика за донесување на значајни одлуки во корист на животната околина.

Ова, инаку, е прва средба меѓу папата Фрањо и Серџо Матарела, кој во февруари беше избран за претседател. Се обновува духот на хармонија меѓу Италија и Светиот Престол, забележа Папата, додавајќи дека таа хармонија е уште посилна по Вториот ватикански собор и дека сѐ повеќе граѓаните ја чувствуваат потребата од обновување на соработката за општото добро. За да може Црквата да го извршува своето духовно послание неопходно е мирно озрачје кое само државата може да го гарантира, рече папата Фрањо и додаде дека едно плуралистичко општество, исповедањето на верата не може да го ограничи на приватност, туку треба да ја признае улогата на религијата во изградбата на општеството.

Папата потсети и на христијанскиот допринос во италијанската историја и култура како и на белегот кај италијанскиот народ. Верата поминала во дела, а делата во институции, што преку историјата дало посебен изглед и ги обликувало сите сегменти од животот, почнувајќи од семејството, установите на солидарност и училиштата на вредности, истакна Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот