Папата го призна мачеништвото на 49 Шпанци од времето на Граѓанската војна

Папата го призна мачеништвото на 49 Шпанци од времето на Граѓанската војна

Папата Лав XIV го одобри објавувањето декрети со кои се признаваат мачеништвото, жртвувањето на животот и херојските доблести на неколку слуги Божји.

За време на аудиенцијата во понеделник, 27 април 2026 година, со кардиналот Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување на светци, папата Лав XIV одобри објавување на неколку декрети поврзани со мачеништвото, жртвувањето на животот и признавањето на херојските доблести на повеќе мажи и жени.

Меѓу нив е и признавањето на маченичката смрт на Божјиот слуга Станислао Ортега Гарсија, роден како Лоренцо, и на 48 негови сопатници, членови на Институтот на браќата на христијанското образование „Свети Гаврил“, заедно со епархискиот свештеник Емануел Беренгер Клузија.

Тие биле убиени меѓу јули и ноември 1936 година, на различни локации во Каталонија, Шпанија, за време на верски прогони поттикнати од омраза кон верата.

Светиот Отец го призна и жртвувањето на животот на Божјиот слуга Пјетро Емануеле Саладо Алба, мирјанин од здружението „Hogar de Nazaret“. Тој е роден во 1968 година во Чиклана де ла Фронтера, Шпанија, а починал во 2012 година во Плаја де Тонсупа, Еквадор.

Покрај тоа, Папата одобри декрети со кои се признаваат херојските доблести на тројца Божји слуги.

Марија Елета од Исус, родена како Катерина Трамацоли, босонога кармелитјанка, е родена во Терни, Италија, во 1605 година, а починала во Прага во 1663 година.

Марија Тереза од Пресветата Троица, родена како Тереза од Иселдијк, членка на Конгрегацијата на сестрите кармелитјанки на Божественото Срце Исусово, е родена во Апелдорн, Холандија, во 1897 година, а починала во Сент Луис, САД, во 1926 година.

Марија Рафаела де Џована, основачка на Конгрегацијата на Малите терцијарни сестри на свети Франциск од Паола, е родена во Џенова, Италија, во 1870 година, каде што и починала во 1933 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот