Папата го предводеше обредот на Велики Петок

На Велики Петок папата Фрањо во базиликата Свети Петар го предводеше обредот Мака Господова, а проповедаше о. Раинеро Кантеламеса, проповедник во Папскиот дом, кој истакна дека преку верата сме бесплатно откупени со Крвта Христова.

Во проповедта Папскиот проповедник напомна дека сме стигнати до кулминацијата во Година на верата, до нејзиниот одлучен момент. Овој Велики Петок кој го славиме во Година на верата во присутност на Петровиот наследник, би можело да биде, ако тоа го сакаме почеток за нов живот, додавајќи: Од нас се бара само да не се криеме како Адам после гревот, туку да признаеме дека ни потребно оправдување.

Понатаму отец Канаталемеса говореше за новото создание по вера, при што рече дека животот гледан со вера е поинаков од животот гледан со голо око. Во контекст на ова отец Канаталамеса напомна дека и смртта е поинаква со очите на верата. Христос влезе во смртта како што се влегува во темница, но излезе од спротивната страна. Отвори премин во живот, кој никој и никогаш нема да може да го затвори.Смртта повеќе не е ѕид во кој се уништува човечката надеж, туку е мост кон вечноста.

Крстот е разделница меѓу верниците и неверниците, бидејќи за едните е скандал и лудост, за другите пак сила и мудрост, но ако подлабоко се размислува за крстот тој ги соединува сите луѓе, верници и неверници: Исус не умре само за еден, не умре само за еден народ, туку за да ги прибере распрснатите деца Божји, па од тука произлегува и потребата од Евангелизација, рече отец Каналамеса.

Христовата љубов, бидејќи умре за сите нас нѐ повикува на евангелизација. Евангелизацијата има таинствено потекло, таа е дар кој произлегува од крстот. Христовата љубов настојува да се шири и да допре до секој човек, посебно до оние на кои им е потребно Божјото милосрдие. Христијанската евангелизација не е освојување, ниту пропаганда, таа е Божји дар на светот, напомна отец Канаталамеса.

Црквата живее во времето и настојува да се прилагоди на потребите на времето, но доаѓа момент кога се чувствува дека тие прилагодувања не одговараат на сегашниот момент, стануваат пречка за ширење на Радосната вест и поради тоа е потребно да се отстранат. Тоа го сфати свети Фрањо од Асизи молејќи пред крстот во црквата свети Дамјан кога слушна глас: Фрањо, оди и обнови ја мојата Црква! – потсети Канаталмеса.

Кој е достоен за таа задача?, запраша апостол Павле пред надчовечката задача во светот да биде „Христов мирис“, а еве го и неговиот одговор кој е актуелен и денес: Но не дека сме способни да помислиме нешто, како од себе; напротив, нашата способност доаѓа од Бога. Он ни дал способност да бидеме слуги на Новиот завет, не на буквата, туку на Духот, зашто буквата убива, а Духот оживотворува (2 Коринтјаните 3,5-6). Светиот Дух во овој момент кога Црквата се отвара за ново време полно со надеж, нека разбуди во луѓето исчекување за пораката, а за навестителите на верата желба да се пренесе до сите, па дури и по цена на животот, заврши отец Канаталамеса во својата проповед.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<