Во пораката, папата Фрањо ги поздрави околу 20.000 верници од Франција и од целиот свет кои се собраа во Лурд на 15 август 2023 година на 150. ходочастие за празникот Вознесение на Пресвета Богородица.
„Одлучно да се обратиме кон блажената Мајка, зашто таа е наша Мајка, а ние сме нејзини деца!“.
Папата Фрањо го упати ова охрабрување изразувајќи ја својата близина со приближно 20.000 верници собрани од цела Франција и светот во светлиштето на Пресвета Богородица во Лурд за празникот Вознесение на Пресвета Богородица, потсетувајќи дека на 15 август 2023 година се одбележуваат 150-годишнина од националното ходочастие на ова свето ходочасничко место.
„Се придружувам на вашите горливи молитви и благодарност до нашата сакана Мајка, посебно на овој празничен ден, 15 август.
Папата ја изрази својата радост за бројните верници кои продолжуваат да ја поддржуваат оваа долга традиција на ходочастие и посветеност, истакнувајќи дека многу од верниците во Лурд и во катедралите и парохиите во Франција „се молат на Пресвета Богородица со најголема синовска доверба: доверба што никогаш не разочарува“.
Повторно откривање на нежноста на Марија преку побожностите
Светиот Отец ги охрабри пастирите „постојано да ја негуваат и зајакнуваат љубовта и нежноста, која верниците ја чувствуваат кон својата сакана Покровителка, посебно, користејќи ги или повторно откривајќи ги народните побожности.
Папата ја пофали „прекрасната процесија на 15 август, традиција, која е во вашата земја речиси четиристотини години“.
„Повеќе од кога било, на светот, а посебно на Франција, која свечено беше посветена на Богородица – посвета што не може да се отстрани – има потреба од заштита на Марија пред тешкотиите, вознемиреноста и предизвиците на денешницата“, рече папата Фрањо.
Да се молиме на Богородица за многу посакуваниот мир
„Да се обратиме одлучно кон Неа, бидејќи таа е наша мајка, а ние сме нејзини деца!“, охрабри Папата.
Оттука и неговата молитва до Марија, царицата на мирот, да посредува кај нејзиниот Син, за „да се воспостави толку посакуваниот мир секаде каде што се слуша звукот на оружјето“.
Тој повика „во срцата на сите да се разбудат вистинските чувства на братска љубов, за општествата да растат хармонично во почитувањето на другите, штитејќи го нивното достоинство и права и никој да не биде изоставен“.
Заштита на семејствата на посебен начин
Папата моли од Исусовата Мајка „на посебен начин“ да ги заштити семејствата, потсетувајќи посебно на „родителите кои го носат секојдневниот товар на тешката одговорност“ и младите луѓе „многу богати со потенцијал, но често загрижени за својата иднина или за жал веќе попречени од многу ограничувања.’
Папата потоа им се обраќа на постарите, кои се многу „богати со искуство и мудрост“, а кои „премногу често се напуштени и запоставени“.
Во овој контекст, папата Фрањо моли од Богородица да ги утеши и сите оние кои страдаат, кои се болни, осамени, маргинализирани или пак се прогонети.
Непоколебливата надеж е сведок на верата
Папата на посебен начин ја изразува својата близина со сите присутни болни и лица со посебни потреби, потсетувајќи на големиот број верници кои патуваат во Лурд за да побараат утеха од Марија.
Тие, заедно со оние што ги придружуваат, му даваат на светот прекрасно сведоштво за верата и милосрдието“, рече Папата.
Папата Фрањо ја заврши својата порака со тоа што ги повика ходочаснците да дозволат нивната вера да им даде „непоколеблива надеж“ на која ќе ги градат своите животи и општества, споделувајќи го „со голема радост“ својот благослов на сите собрани во Лурд и на сите верници во Франција и нејзините пастири.
Ватикан њуз/к.мк