Папата: Големината на човекот е во „маленкоста“ пред Бог

Светиот Отец во Тбилиси на 1 октомври 2016 година служеше света Литургија пред околу 6.500 верници на стадионот Месхи. Ја пренесуваме неговата проповед во целост:

Меѓу бројните богатства на оваа величествена земја едно кое посебно се истакнува е важноста на жената. Како што света Тереза на Детето Исус која денес ја спомнуваме напишала: „тие го сакаат Бог во многу поголем број отколку мажите“ (Автобиографија, ракопис A, VI). Овде во Грузија постојат голем број баби и мајки кои постојано ја бранат и пренесуваат верата која е посеана во оваа земја од света Нина; и ја донесуваат свежата вода на Божјата утеха во небројни ситуации на бецелност и конфликти.

Тоа ни овозможува да ја цениме убавината на Божјата порака во првото читање: „Како што некого го утешува мајка, така ќе ве утешам и Јас; “(Исаија 66, 13). Како што мајката на себе го презема товарот и уморот на своите деца, така и Бог ги зема на себе нашите гревови и неволји. Кој нè познава, Кој бескрајно нè сака, не ги заборава своите молитви и ги брише солзите. Кога нè гледа секогаш се трогнува и срцето му се разнежнува, со љубов од длабочината на неговото битие затоа што без оглед на злото за кое сме способни, ние секогаш остануваме негови деца; Он сака да нè земе во своите раце; нè заштитува и нè ослободува од повредите и злото. Да дозволиме Господовите зборови да одекнуваат во срцата: „ Како што некого утешува мајка, така ќе ве утешам и Јас“

Утехата која ни е потребна заради немирот кој го доживуваме во животот е токму присуството Божјо во нашите срца. Божјото присуство во нас е извор на вистинска утеха која престојува во нас, нè ослободува од злото, ни донесува мир и ја зголемува радоста. Од таа причина ако сакаме да ја доживееме неговата утеха мораме да го пуштиме Господ во својот живот. А Господ постојано да живее во нас треба да му ја отвориме вратата на нашето срце, а да не го држиме надвор. Постои врата на утехата која мора секогаш да биде отворена затоа што Исус посебно сака да влезе преку неа: Евангелието кое го читаме секој ден и го носиме со себе, нашата тивка молитва во поклонувањето, исповедта, Евхаристијата. Тоа се вратите преку кои Господ влегува и дава нов вкус на реалноста. Кога вратата на нашето срце е затворена неговата светлина не може да влезе и сè останува во мрак. Тогаш се приклонуваме кон песимизмот, на работи кои не се во ред, реалности кои никогаш не се менуваат. На крајот завршуваме задлабочени во сопствената тага, во длабочината на вознемиреноста, изолирани. Ако од другата страна ширум ја отвориме вратата на утехата Господовата светлина ќе влезе!

Сепак Бог нè не утешува само во срцето; преку пророкот Исаија додава: „ќе бидете утешени во Ерусалим.“ (66, 13). Во Ерусалим односно во Божјиот град, во заедницата: кога сме обединети во заедништво тогаш Божјата утеха делува во нас. Во Црквата пронаоѓаме утеха, таа е дом на утехата: овде Бог сака да нè утеши. Можаме да се запрашаме: јас, која или кој сум во Црквата, ја донесувам ли Божјата утеха? Знам ли како на другите да им искажам добредојде, како на гости и да ги утешам изморените и разочараните? Дури и кога трпи неволја и отфрлање христијанинот секогаш е повикан да донесе надеж во срцата на оние кои се откажале; да ги охрабрува депресивните; да ја донесе Исусовата светлина, топлината на неговото присуство и неговата прошка која нè обновува. Безброј луѓе трпат искушенија и неправди и живеат во вознемиреност. На нашето срце му е потребно помазанието на Божјата утеха која не ги одзема нашите проблеми, но ни дава сила на љубовта, мирно да ја поднесуваме болката.

Да се прима и да се донесува Божјата утеха: ова е посланието на Црквата кое е итно. Драги браќа и сестри, да се одѕиваме: да не се закопаме во она што погрешно се случува околу нас или да се растажиме заради недостаток на согласност меѓу нас. Не е добро за нас да се навикнеме на затвореноста на малите црковни „микро-опкружувања“; за нас е добра размената на широки хоризонти, хоризонти отоврени за надеж; да се има храброст понизно да се отвори својата врата и да се излезе од себе.

Меѓутоа постои основен услов за примање на Божјата утеха и неговите зборови и денес нè потсетуваат на тоа: да бидеме како деца (Мт 18, 3-4), „и ја воздигав душата моја како дете кон мајката своја“ (Псалм 130, 2). За прифаќање на Божјата љубов потребна ни е маленкост на срцето: единствено мали можеме да се собереме во мајчините раце.

Оној кој станува мало дете, Исус вели: „најголем е во царството небесно“ (Мт 18, 4). Вистинската големина на човекот се состои во тоа да биде „мал пред Бог.“ Затоа што Бог не се спознава преку големите идеи и опсежните студии, туку преку маленкоста на понизното срце полно со доверба. Да се биде голем пред Севишниот не бара акумулирање на чест и престиж или земски добра и успеси, туку целосно самоиспразнување. Детето нема што да даде, туку сè прима. Детето е ранливо и зависи од својот татко и мајка. Оној кој станува како мало дете е сиромашен во себе, но богат во Бог.

Децата немаат проблеми за разбирањето на Бог, имаат многу за што да нè поучат: тие ни говорат дека Тој остварува големи работи кај оние кои не му пружат никаков отпор; кои се едноставни и искрени без дволичност. Евангелието ни покажува дека големи чуда се постигнуваат со малите работи: со неколку лебови и две риби (Мт 14, 15-20), со ситно синапово зрно (Мк 4, 30-32), со зрното пченично кое умира во земјата (Ив 12, 24), со дарот само на една чаша вода (Мт 10, 42), со двете парички на сиромашната вдовица (Лк 21, 1-4), со понизноста на Марија слугинката Господова (Лк 1, 46-55).

Тоа е изненадувачка големина на Бог, Бог кој е полн со изненадувања и кој сака изненадувања, секогаш да ја чуваме жива желбата за тоа, како и довербата во Божјите изненадувања! Тоа ќе ни помогне да се сетиме дека сме постојано и пред сè негови деца: не господари на својот живот, туку деца на Отецот; не автономни и самодоволни возрасни, туку деца кои секогаш треба да се подигнуваат и прегрнуваат, на кои им е потребна љубов и прошка. Блазе на христијанските заедници кои ја живеат таа вистинска евангелска едноставност„ Сиромашни во средствата, богати во Бог. Блазе на пастирите кои не ја следат логиката на световниот успех, туку го следат законот на љубовта: прифаќање, слушање, служење. Блазе на Црквите кои не се предаваат на критериумите на функционализмот и организациската ефикасност, ниту се грижат за својот „имиџ“. Мало и драго стадо во Грузија кое си толку посветено на делата на љубовта и образованието, прими охрабрување од Добриот Пастир, ти кое си му доверено, а кое вас ве носи на рамења и ве утешува.

Би сакал да ги резимирам овие мисли во неколку зборови на света Тераза од Детето Исус која ја спомнуваме денес. Таа го покажува својот „мал пат“ до Бог, „довербата на малото дете кое без страв заспива во прегратката на Отецот“ затоа што „Исус од нас не бара големи дела, туку едноставно посветеност и благодарност.“ (Автобиофрафија, ракопис В)

Сепак за жал како што напишала понатаму– а што важи и денес – Бог пронаоѓа „малку срца кој му се предаваат без резерва; кои ја разбираат вистинската нежност на Неговата бескрајна љубов.“ (исто). Младата светица и црковна научителка: била стручњак за „науката на љубовта“ (исто) и нè учи дека „совршеното милосрдие се состои во поднесувањето на маните на другите и не изненадувајќи се заради нивните слабости; туку да бидеме поучени од најмалите крепости кои гледаме дека ги практикуваат;“ таа исто така потсетува на тоа дека „љубовта не може да се сокрие во длабочината на нашето срце.“ (Автобиографија, ракопис С) Заедно сите денес да се помолиме за милоста на едноставни срца кои веруваат и живеат во благата сила на љубовта; да молиме да можеме да живееме во мирна и целосна доверба во Божјото милосрдие.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот